Секоја сезона носи нов тренд во светот на диетите, но ова лето повторно доминира една од најконтроверзните – ладната диета. Популаризирана преку TikTok, оваа необична метода ветува забрзан метаболизам и полесно слабеење – само со помош на мраз. Но, колку е навистина ефикасна и безбедна?
Што претставува ладната диета?
Се работи за начин на исхрана и животен стил кој вклучува внес на мраз, ладна храна и пијалаци или надворешно ладење на телото – сето тоа со цел да се поттикне т.н. термогенеза – процесот преку кој телото согорува енергија за да ја одржи телесната температура.
Звучи едноставно: пијте студена вода, јадете ладни салати, додадете коцки мраз во оброците – и метаболизмот ќе работи побрзо. Но, дали науката го поддржува овој тренд?
Што вели науката?
Неколку помали студии нудат интересни показатели:
- Истражување објавено во Nutrition & Diabetes (2022) покажува дека ладната храна има помал ефект врз нивото на инсулин, што може да помогне кај оние со ризик од инсулинска резистенција.
- Clinical Nutrition истата година објавува дека замена на топли пијалаци со вода е поврзана со умерено слабеење – но се нагласува дека често топлите пијалаци носат калории преку шеќер и млеко.
Сепак, експертите се едногласни: потребни се подлабоки истражувања за да се потврдат долгорочните ефекти на овој метод.
Кои се можните придобивки?
- Поголем внес на течности = подобра хидратација и чувство на ситост.
- Поттикнат метаболизам преку термогенеза.
- Помала веројатност за прejадување, особено во летните месеци кога ладна храна повеќе прија.
Ризици и предупредувања
Како и секоја диета – не е за секого. Стручњаците предупредуваат:
- Постои ризик од гастроинтестинални проблеми (како што е гастропареза) кај лица чувствителни на студ.
- Долготрајно консумирање само ладна храна може да предизвика надуеност, грчеви или дигестивна непријатност.
Алтернатива: Надворешно ладење
Оние кои не сакаат да јадат мраз, избираат надворешно ладење на телото, преку:
- ладни облоги,
- студени тушеви,
- купки со мраз.
Идејата е иста – да се стимулира термогенеза. Но Американското здружение за срце предупредува: студениот шок може да биде опасен, особено за лица со срцеви заболувања.
Како да се заштитите:
- Не ставајте мраз директно на кожата – замотајте го во крпа.
- Почнете со кратки тушеви, постепено.
- Никогаш не влегувајте во ладна вода сами.
Ладната диета не е магична формула за слабеење, но може да помогне како додатна алатка во комбинација со урамнотежена исхрана и физичка активност. Ако ве привлекува идејата, започнете постепено и со внимание, и секогаш консултирајте се со лекар – особено ако имате здравствени предизвици.
Фото: Arina Habich / Alamy / Profimedia