За пациентите повредени во кочанската дискотека „Пулс“ кои немаат можност да добиваат рехабилитација на Пониква, постои адаптирана просторија за физикална медицина при одделот за хирургија во Општата болница – Кочани, но од утре треба да почнат градежни активности за реконструкција токму од одделот за физикална медицина и рехабилитација. Во соработка со болницата од Штип ќе се направи план за згрижување на пациентите додека трае реконструкцијата.
Зошто Пониква?
Според Владата и кочанската болница, во обид да се избегнат високите температури и тешкотиите со патување за повредените во трагичниот пожар во клубот „Пулс“, рехабилитацијата ќе се спроведува во одморалиштето на Министерството за внатрешни работи на Пониква. Како што беше истакнато на денешната прес-конференција во Владата од страна на владината портпаролка Марија Митева, доктор Катерина Мирчовска од Општата болница во Кочани и доктор Гордана Георгиева од Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, овој чекор ќе обезбеди соодветен третман и поддршка за повредените пациенти и нивните семејства.
На Пониква ќе бидат ангажирани четворица физиотерапевти, медицински сестри, физијатар и стручњаци од Центарот за психолошка поддршка во Скопје. Во соработка со невладини организации, ќе бидат вклучени и психолози и психијатри. Тимовите ќе ротираат на секои две недели. Првата група пациенти ќе се состои од лица кои веќе добиваат физикална терапија и од оние со инхалаторни повреди.
Евалуација: Статистика и состојба
Во периодот од 20 мај до 10 јуни евалуирани се вкупно 167 пациенти. Пет се уште се хоспитализирани во државата, додека други пет се на лекување во странство. Осум пациенти, кои се со привремен престој надвор од земјава, сè уште не се евалуирани.
Докторката Георгиева нагласи дека пациентите се класифицирани во пет групи според тежината на повредите:
- Група 1: 36 пациенти
- Група 2: 49 пациенти
- Група 3: 41 пациент
- Група 4: 25 пациенти
- Група 5: 16 пациенти
Оние од четвртата и петтата група имаат најтешки повреди и ќе имаат потреба од продолжено лекување, рехабилитација и, за некои, дополнителни хируршки зафати.
Од март, кога се случи трагедијата, болницата во Кочани воспостави мрежа на стручна поддршка преку договори со пластични хирурзи од Универзитетската клиника за пластична хирургија и Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Паралелно, се ангажирани и физијатри и физиотерапевти од Штип, ГОБ „8 Септември“ и Институтот за физикална медицина и терапија „Козле“.
Докторката Катерина Мирчовска, в.д. директорка на Општата болница во Кочани, истакна дека се следи состојбата и на пациентите кои се вратиле од лекување во странство, а кои моментално се во процес на физикална терапија и респираторни вежби. „Им посочивме да прават редовни контроли, бидејќи поради високите температури, патувањето до Скопје претставуваше проблем. Во соработка со Министерството за здравство и пулмолози од ГОБ ‘8 Септември’, договоривме конкретни мерки и набавка на апаратура, која ќе остане во болницата и по оваа кризна фаза,“ рече Мирчовска.