Предлогот на Либерално-демократска партија да се смени изборниот модел во една изборна единица со отворени листи пропадна. Предлогот доби поддршка од само 19 пратеници од опозицијата.
Иако од владечката партија првично рекоа дека истото ќе го направат, сепак во Собрание предлогот не доби поддршка.
Претседателката на ЛДП Моника Зајкова за ММС.мк вели дека Законот не добил гласови против, но не добил ниту поддршка за да помине.
„Рекоа дека ќе го поддржат, но не го направија тоа. Не се отвори ниту дискусија. Јас очекував барем да помине потребата и на комисија да дискутираме по однос на одредени амандмани. Но, не дојде можност ниту за тоа“, рече таа.
Во првичниот предлог на ЛДП не била доставена идејата и дијаспората да може да гласа, но Зајкова рече дека и за тоа се отворени да разговараат.
„Планираме да бидеме упорни и да го доставиме предлогот повторно во Собранието. Отворени сме за разговор со секоја од партиите заеднички предлозите да ги инкорпорираме во нашиот првичен предлог“, додава Зајкова.
Таа смета дека ова треба да добие поддршка за граѓаните да можат вистински да бираат.