Следната недела, од понеделник до четврток, од 16 до 18 јуни 2025 година, тим од седум члена од Гетеборг, Шведска, ќе го посети Кочани за меѓусебни дискусии со локалната заедница. Како чин на солидарност по трагедијата во Кочани, шведскиот тим ќе го сподели своето искуство од пред 27 години – пожар во дискотека што се случи во 1998 година во Гетеборг. Гетеборг ќе им ги пренесе на Кочани своите научени лекции со цел заедно да се создадат модели на солидарност, отпорност и споделена надеж.
Тимот од седум члена од Гетеборг го сочинуваат: социјалните работници Елеонор Артфорс и Хели Кунас, преживеаните Параш Лама и Розбе Асланијан, пожарникарите Бенгт Холм и Пер-Андерс Линдфелд и координаторот на Центарот за поддршка Ларс Лилед. Тие ќе понудат и лични и професионални искуства, со цел да дадат поддршка на заедницата во Кочани и регионот.
Медиумите се поканети да го покријат официјалното започнување на посетата на 16 јуни 2025 година во 11:00 часот во Мулти-Култи центарот (MKC) во Кочани. Воведни обраќања ќе имаат амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џеин, Венко Крстевски, вршител на должноста градоначалник на Кочани, тимот од Гетеборг и Центарот за психосоцијална и кризна акција – Малинска (ЦПКA).
Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џеин, и тимот од Гетеборг ќе го предадат преводот на книгата насловена како „Како поставување сложувалка”. Книгата ја преиспитува трагедијата во Гетеборг преку реконструкција на настаните од пожарот во нивната дискотека. Книгата дава целосна слика за тоа што се случило, што во голема мера придонесе за процесот на заздравување на заедницата во Гетеборг. Преводот на книгата https://europehouse.mk/wp-content/uploads/2025/06/Kniga-pecat-10.8.pdf е дел од посетата и има за цел да им понуди поддршка на засегнатите читатели во нивниот процес на заздравување.
Дополнителни активности ќе се одржат на 17 и 18 јуни 2025 година, вклучувајќи споделување искуства, отворени и затворени сесии, размислувања, научени лекции и дискусии за идните чекори и соработка.
Посетата на тимот од Гетеборг на Кочани е иницијатива на Тим Европа организирана од Амбасадата на Кралството Шведска, Делегацијата на Европската Унија, Јуроп Хаус и Центарот за психосоцијална и кризна акција – Малинска од Скопјe, во соработка со Општина Кочани и граѓанската иницијатива „Поддржете го Кочани”. Мотото на посетата е да го направиме Кочани град на отпорност и солидарност.