Игуменот Георгиј (Ѓорѓевски) на денешната седница на Светиот Архијерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија беше едногласно избран за нов митрополит Дебарско-кичевски.
Како што стои во објавата на црковниот портал „Литургија.мк“, денот на ракополагањето во епископски чин на игуменот Георгиј ќе биде дополнително објавен.
Дебарско-кичевската епархија остана без прв човек откако минатата година во ноември по кусо боледување на 73 години почина тогашниот митрополитот дебарско-кичевски, господин Тимотеј. Георгиј беше единствен кандидат за оваа висока црковна позиција, кој на празникот Педесетница доби ново унапредување во монашки чин – игумен на церемонијата одржана во соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Произведувањето го изврши архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Поранешниот декан на Богословскиот факултет, Ѓоко Ѓорѓевски, се замонаши на 27 мај годинава, на 28 мај беше произведен за јероѓакон, а на 29 мај беше избран за јеромонах.
Митрополитот Георгиј е роден во Скопје во 1968 година. Завршил богословски студии во Скопје, а магистрирал и докторирал во Рим, на Папскиот универзитет „Грегоријана“. Има богато академско и црковно искуство, вклучувајќи и дипломатска служба како амбасадор на Македонија при Светата Столица. Автор е на неколку книги и научни трудови, а активно учествува во преведувачки и издавачки проекти на Светото писмо.
Фото: Литургија.мк