Новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, се најде на удар на јавноста, но и на опозицијата поради контроверзните изјави дадени во интервју за ТВ21, во кое изрази став дека минималната плата не гарантира достоинствен живот и дека „не е срамота да се работи по две-три работи“.
„Не се сите како него – со државна плата од над 3000 евра. Граѓаните не живеат во фотелји, туку во реалност на инфлација, скапа храна и зголемени животни трошоци. Да им кажеш дека треба да работат три работи за да преживеат е навреда“, реагираат од СДСМ.
Тие го обвинуваат Славески дека покажува отпор кон мерки за заштита на потрошувачите, како замрзнување на цените и маржите, што, според нив, значи дека тој „се става во служба на трговските ланци и крупниот капитал“.
Политичките противници на владејачкото мнозинство поставуваат и прашања за тоа дали премиерот Христијан Мицкоски стои зад ваквите ставови.
„Дали ваквиот однос кон граѓаните е официјален став на владата? Дали тоа значи дека достоинствен живот за нив е луксуз, а не право?“, прашуваат од опозицијата.
Од СДСМ велат дека Славески веќе подолго време е присутен во јавноста како економист и поранешен министер, но неговата улога како претседател на Советот на Град Скопје беше исто така остро критикувана.
„Како Гуверер очигледно ќе ја уништува и моинетарната политика. Трајко Славески не е човекот што и треба на Народната банка, а уште помалку на македонскиот народ“, велат тие.