Оперативниот план за вработување за 2025 година предвидува нови мерки за поддршка на невработени лица кои сакаат да започнат сопствен бизнис.
„Се објави јавниот повик од Оперативниот план за вработување за 2025 година, кој се однесува на две нови мерки наменети за невработени лица кои сакаат да започнат сопствен бизнис“, велат од партијата.
Во рамки на планот, кој е дел од владината стратегија за намалување на невработеноста и задржување на младите во земјата, се активирани две нови мерки – Мерка 1.1 и Мерка 1.2 – со вкупен буџет од 40 милиони евра. Според најавите, програмата ќе опфати над 16.000 граѓани низ целата држава.
Мерката 1.1 е наменета за лица постари од 29 години и овозможува грант во висина од 430.500 денари (околу 7.000 евра) за започнување сопствена дејност. За младите до 29 години е предвидена Мерка 1.2, преку која може да се добие финансиска поддршка до 615.000 денари (10.000 евра).
Двете мерки не вклучуваат само финансиска помош, туку и целосна поддршка за претприемачите, како што се обука за претприемништво, изработка на бизнис план и менторство во траење од шест месеци. Оваа поддршка, како што велат од Владата, има цел не само да ги поттикне новите бизниси, туку и да обезбеди нивна одржливост на долг рок.
Внимание е посветено и на лицата со попреченост, за кои се предвидени дополнителни средства до 250.000 денари над основниот грант, со цел да се создадат еднакви можности за сите заинтересирани граѓани.