Основниот кривичен суд во Скопје денес го ослободи од обвинение актуелниот градоначалник Рамиз Мерко, кој беше обвинет во врска со набавката на луксузен автомобил „Ауди“ во вредност од 67 илјади евра.
Според одлуката на судот, не било докажано дека Мерко имал намера да стори кривично дело при јавната набавка на автомобилите за општинските потреби, чија вкупна вредност изнесувала 114 илјади евра. Адвокатот на Мерко, Игор Петковски, изјави дека судот не утврдил прекршување на законот од страна на неговиот клиент.
Обвинението беше поднесено во март 2024 година, како дел од поширока постапка која произлезе од внатрешна проверка во Обвинителството во Струга. Според таа проверка, Мерко бил осомничен за најмалку 30 кривични дела, по што беа покренати повеќе обвиненија и нови истраги, главно за злоупотреба на службената положба.
Рамиз Мерко е и натаму на американската црна листа поради сомневањата за корупција и злоупотреби на функцијата.