Според новиот Закон за земјоделство и рурален развој кој беше објавен на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР) и даден на увид на јавноста, младите не постари од 40 години можат да добијат финансиска поддршка од 100.000 евра.
Главен услов да ја добијат оваа поддршка е да не се постари од 40 години, да се занимаваат со земјоделска дејност и да живеат во руралната средина во рамки на семејното земјоделско стопанство во наредните 10 години.
Целта е заживување на руралните средини и стимулирање на земјоделците да се здружуваат за да станат поконкурентни.
Доколку младиот брачен пар не го исполни условот да живее и да работи на село 10 години ќе треба да го врати целиот износ на дадената поддршка.
Исто толку пари можат да добијат и младите на возраст до 40 години, кои ќе отворат бизнис поврзан со земјоделството или шумарството, вклучително и основање нови семејни земјоделски стопанства или диверзификација на доходот на земјоделските домаќинства во неземјоделски активности и започнување бизнис за неземјоделски активности во руралните области како дел од стратегиите за локален развој.
Се овозможува и поддршка од 20.000 евра за млади земјоделци кои ќе почнат земјоделска дејност, потоа активни женски членови на земјоделско семејство и за развој на микропретпријатија, воведување иновативни практики и воведување нови економски дејности на село.
Се предивуда и помош од 10.000 евра за младите кои за првпат започнуваат да се занимаваат со земјоделска дејност преку наследување или преземање на постоечко земјоделско стопанство или со воспоставување ново земјоделско стопанство.
Но, колку младите се заинтересирани да работат земјоделство?
Според претседателот на Националната земјоделска мрежа Ѓорги Каракашев, ваквиот потег е многу погрешен, популистички и нема да даде резултат.
„Институциите се повикуваат на некои европски директиви и регулативи, но тоа кај нас е тешко да се изведе. Изгубени се кај нас одредени вредности. Кој млад би прифатил сега да работи земјоделство кога истото е сведено на социјала? Оваа гранка стана економски неодржлива каде цените се девалвирачки. Луѓето не можат да ги покријат трошоците, камоли да остварат профит. Земјоделците немаат гарантиран откуп и ниски откупни цени. Оваа гранка бара и голема посветеност во работата, нешто што младите тешко би го прифатиле. Тие сакаат брзи пари и урбан живот. Просечен земјоделец кај нас е од 55 до 60 години“, вели тој.
Како Национална земјоделска мрежа, тие имаат неколку предлози.
„Државата мора да креира производни цени за сите производи, да има заштитни, односно гарантирани цени, тоа искуство веќе го има во Бугарија. Тоа мора и кај нас да се спроведе, земјоделците да имаат каква-таква гаранција дека ќе им биде откупен производот“, појаснува Каракашев.
Тој смета дека треба да се утврдат и приоритети за тоа каде ние ќе се движиме како држава.
„Потребно е да се анализира кои култури ќе дадат најбрз економски раст. Треба да се инвестира и во образованието. Мораме на сите можни нивоа да ги движиме работите. Со ова темпо, ние само тонеме. Генерациски земјоделците стареат, а технологиите ни се застарени. Ако во моментов сме 90 отсто зависно увозни од храна, за краток период ќе бидеме и 100 отсто. Не е проблем што увезуваме храна, колку што е проблем што истата е неквалитетна“, дециден е тој.
Фото: Приватна архива
Кристијан Трајчов