Ниту еден македонски универзитет не се најде на листата на најдобрите 2.000 универзитети во светот, покажа најновото рангирање на Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR) за 2025 година.
Од вкупно над 21.000 евалуирани високообразовни институции ширум светот, Македонија оваа година остана без претставник на престижната листа. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) од Скопје, кој во 2024 година се најде на 1.990-тото место, годинава не успеа да го задржи пласманот и испадна од рангирањето.
CWUR ги оценува универзитетите според четири главни критериуми: образование, вработување на алумни, академска извонредност и истражувачки перформанси. Ова рангирање важи за едно од најобјективните во светот, бидејќи не се базира на анкети, ниту пак бара пријавување од страна на универзитетите.
Од земјите во регионот, Србија и годинава се најде на листата и тоа со четири државни универзитети. Покрај Универзитетот во Белград кој е на 354 место, на листата се и Универзитетите во Нови Сад, Ниш и Крагуевац.
Од Бугарија, на листата се Софискиот кој е на 1.051 место и Медицинскиот универзитет Софија на 1.478 место.