Во екот на скандалот со дивоградбите во општина Чаир, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, се огласи преку „Фејсбук“ со остар јавен апел до премиерот Христијан Мицкоски.
Арсовска во своето обраќање го повика премиерот да дејствува против, како што ги нарекува, „криминалците од ДУИ“, меѓу кои ги посочи Висар Ганиу, Ејуп Адеми и Меџити. Таа тврди дека овие функционери, иако се дел од власта повеќе од 20 години, сега преку коалицијата ВЛЕН се обидуваат да избегнат одговорност, кријејќи се зад нови политички имиња.
„Ако не преземеш чекор и покрај доказите за криминалот со дивоградбите, тогаш си соучесник на фалсификатите и нема други оправдувања“, наведува таа, додавајќи дека нема да се повлече: „НЕ ВИ СЕ ПЛАШАМ И НЕ СЕ ПОВЛЕКУВАМ.“
Според Арсовска, повеќе од три години постојат обиди за институционално спречување на легализација на над 150 дивоградби во Чаир. За случаите, како што тврди, веќе се поднесени пријави до надлежните институции од 2023 година, но реакција изостанува.
Во еден дел од објавата, таа пишува: „Мицкоски, денес ти се обраќам како жена, како човек, како градоначалник… Ако не си вмешан во нивните криминали, не ги брани, биди премиер на сите граѓани и заштити не!“
Арсовска го обвинува Мицкоски дека во јавни настапи ги брани луѓето кои се инволвирани во урбанистички криминал и ги нарекува „господа“, наместо да ги процесуира. Таа вели дека токму тој дозволил Ганиу и Адеми да вршат притисок врз неа, да се закануваат и да ја заплашуваат.
Таа предупредува дека се обидуваат со фалсификати да ги легализираат објектите во Катастарот, што го смета за кривично дело со институционално покритие.
„Ти, наместо да не заштитиш, го браниш Ганиу“, пишува Арсовска.
Ова обраќање доаѓа во пресрет на седницата на Советот на Град Скопје, на која ќе се отвори прашањето за урбаната мафија во Чаир. Градоначалничката верува дека оваа точка ќе повлече и други сериозни истраги за поширок криминал во урбанизмот.
Фото: Данела Арсовска Фејзбук