Како е можно да трае со децении, да не е досадно да му се слушат песните со ист интензитет и жар по безброј пати и три часа без пауза да пее и да не се измори, а е веќе во зрела доба!

Тоа е феноменот Здравко Чолиќ, кој по шест години три дена ја полни Арената „Борис Трајковски“, а првиот концерт се одржа вчера вечерта.

Чола пристигна со дури 50 врвни музичари, новосадскиот Биг бенд и оперскиот оркестар на СНП од Нови Сад, со специјално избран репертоар и исклучителни аранжмани на диригентот Федор Вртачник.

Во Арената немаше публика за стоење, само со столчиња за седење ама кој да седи кога само што запеа сите станаа на нозе и не седнаа до последната песна.

А тој? На почетокот ја поздрави публиката и не прозборе, само пееше и пееше и пееше. Без да каже ниту збор тој самиот по себе е магија и енергија.

А и што да зборува за да ја крене публиката, кога на 74 години како момче енергично не застана од почеток до крај, а публиката го наградуваше со овации и аплауз.

Што и да се каже малку ќе е, треба едноставно да се доживее таа енергија, таа магија и љубов што Чола ја има со публиката. Затоа и трае со децении со ист интензитет и несомено ќе трае…
Фото: Вангел Тануровски






