За стар кредит земен пред 13 години, но и за долг кон економски оператор, кој тужел и добил на суд, ЈП „Исар“ од Штип секој месец ќе треба да издвојува по 4 милиони денари во наредните пет години за да може да ги исчисти долговите. Ова беше објаснувањето на секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова – Ангелова пред членовите на Советот на општината, кои на вчерашната седница одобрија субвенција од 7 милиони денари за „Исар“.
Како што објасни Шорова – Ангелова, одобрената субвенција е за набавка на механизација – булдожер гасеничар за депонијата и за набавка на мултифункционално возило за одржување на зеленилото. „Исар“ од друга страна, ќе има други финансиски обврски, кои се таложеле со години. –Во септември 2021 година долгот кон Министерството за финансии изнесувал 220 милиони денари. Го репрограмиравме и во наредните пет години ќе се исплаќа по два милиони денари секој месец. Дополнителни две милиони треба да се уплаќаат за долг на економски оператор кој го тужеше претпријатието, рече Шорова – Ангелова.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) во неодамна објавениот извештај за работењето на „Исар“ најде бројни забелешки, кои се однесуваат на наплатата, фионаиското работење, исплатата на плати, загубата на вода.
Покрај ова, како што забележува извештајот на ДЗР, „Исар“ во 2023 година е тужена странка од 3 физички лица, по основ надомест на штета за долг од 875.000 денари. Во исто време, претпријатието тужи 48 правни и 1.527 физички лица по основ на неплатени фактури за користени услуги за долг од близу 9 милиони денари.