Камион за отпад од Општина Чаир го истури ѓубрето пред влезот на Град Скопје, откако претходно градоначалникот Висар Ганиу, во придружба на група граѓани, го испрати возилото со порака дека Чаир заслужува да биде чист. Јавната пресметка што трае со денови продолжи со пренос во живо на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која го повика Ганиу да се појави.
Ганиу рече дека Градот Скопје не го собира отпадот, иако граѓаните плаќаат за услугата.
„Ова е екоцид што им се прави на нашите луѓе. Затрупани сме во ѓубре. Но, нема да останеме вака. Народот ќе се крене и ќе добие одговор затоа што сме даночни обврзници“, кажа Ганиу, забележувајќи дека Чаир бил напуштен како што бил и во времето на комунизмот.
Данела Арсовска обвини дека Чаир на ЈП Комунална хигиена должи 7 милиони евра, а реакцијата на градоначалникот Ганиу за поврза со јавното објавување на информациите дека дозволил 150 дивоградби во неговата општина.
-Ти место да им вратиш на луѓето парите за тоа што си ветувал и не можеш да им испорачаш, се одлучи да се пресметуваш со жена ама оваа жена не ти се плаши ни на тебе ни на тој Изет.
Ти фативме низ општина Чаир со камиони како градежниот и кабаст отпад ги фрлаш во и околу наши контејнери, за да не’ напаѓаш, за што МВР и инспекциските служби ти го конфискуваа камионот. 7 милиони му должиш на Комунална хигиена“, реагираше Арсовска обраќајќи му се лично на Ганиу.
Партијата ДУИ во соопштение вели дека општина Чаир, со само три квадратни километри, но дом на над 60.000 граѓани, се претвори во симбол на урбан криминал и институционална злоупотреба.
Со години наназад, илјадници квадратни метри зеленило беа уништени за да му се отстапи место на нелегални и корумпирани градби. Последните откритија за стотици згради изградени со фалсификувани документи, јавно обелоденети, ја откриваат вистинската димензија на скандалот и реалната опасност што му се заканува на животот на жителите, реагираа од ДУИ.