Азир Алиу, поранешниот министер за информатичко општество и администрација од владата предводена од СДСМ и ДУИ, е официјалниот предлог на Коалицијата „Вреди“ за нов министер за здравство. Предлогот го потврди вицепремиерот и актуелен министер за животна средина, Изет Меџити.
Оваа најава доаѓа по напуштањето на Владата од страна на Алијансата за Албанците, предводена од Арбен Таравари, кој со тоа ја заврши и својата функција како министер за здравство. Иако дел од партијата премина во опозиција, сопартијците на Таравари – Азир Алиу и Арбен Фетаи – останаа во редовите на Коалицијата „Вреди“.
Според најавите, Фетаи ќе продолжи да ја извршува функцијата заменик-претседател на Владата за добро владеење, додека Алиу ќе биде предложен како нов министер за здравство. Меџити изјави дека „листата со новите членови на Владата, замениците и другите позиции ќе биде комплетирана во следните денови“.
На денешната промоција на нов концепт за споделување возила, Меџити одговори и на новинарско прашање во врска со компетентноста на Алиу, кој е доктор по информатички науки, за ресорот здравство.
„Министерот не мора да биде лекар, туку добар менаџер кој го познава системот и може да придонесе за подобро управување. Имало примери и во минатото. Мислам дека Азир Алиу е добар и најдобар предлог за таа позиција“, изјави Меџити.
Фото: МИОА