Поранешниот министер за информатичко општество и администрација Азир Алиу е предлогот на ВЛЕН за нов министер за здравство на местото на Арбен Таравари. Ова го потврди првиот вицепремиер на Владата и дел од ВЛЕН.
„Раководството на ВЛЕН одобри Арбен Фетаи да остане вицепремиер за добро управување, додека Азир Алиу ќе биде предложен за министер за здравство, додека за другите позиции ќе се одлучи во наредните денови“, рече Меџити.
Азир Алиу е роден на 15 април 1976 година во Гостивар. Тој е дипломиран електротехничар. Дипломирал на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што магистрирал и по електротехника. Својот интерес за наука го продолжил на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што докторирал по компјутерски науки. Неговото искуство во наставата е фокусирано на: Вештачка интелигенција; архитектура на компјутерски системи; формални јазици и автомати; анализа на податоци. Предава на Универзитетот „Мајка Тереза“, а исто така е член на Комисијата на АЕК, сввоевиден Управен одбор на Агенцијата.
По заминувањето на крилото на Таравари од Владата, ќе има и други промени, за што дополнително ќе се одлучува. Кадар на ВЛЕН ќе го замени Стојанче Ангелов во Центарот за управување со кризи (ЦУК), додека Ангелов напредува во директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), чиј досегашен директор Џеват Селами од коалицијата ВЛЕН е во притвор по трагедијата во Кочани.