Семафорите на главната крстосница во штипската населба Сењак повеќе од половина година се надвор од функција. Крстосницата е со зголемена фреквенција на сообраќај поради прекинот на булеварот „Партизанска“, чии делници од Сењак – Диспанзер и Диспанзер – Автобуска станица не се поврзани поради проблеми со објекти, кои треба да се рушат. Светлосната сигнализација на крстосницата Сењак е во прекин од крајот на минатата година, кога по сообраќајна несреќа беа исклучени и сега сообраќајот се регулира со знаци.
Опозициската СДСМ денеска на прес реагираше на решението крстосницата да биде без вклуени семафори:
- Повеќе од половина година, жителите, учениците и родителите секојдневно го ризикуваат својот живот поради тоа што семафорите сè уште не се во функција, нешто што претставува негрижа и загрозување на безбедноста. Оваа крстосница е во близина на основно училиште и градинка – места каде безбедноста мора да биде приоритет број еден. Дали е прифатливо децата секојдневно да минуваат улици без никаква сообраќајна регулација? Во време кога се сеќаваме на несреќите што се случуваа токму на оваа локација, прашуваме: Дали мора да се случи нова трагедија за да се преземат мерки? Локалната власт не превзема ништо по ова прашање, а молкот од кабинетот на Јорданов само го потврдува арогантниот и игнорантски однос. Бараме итно санирање и пуштање во функција на семафорите. Штип заслужува промени, затоа што граѓаните се оставени сами на себе, вели Павел Иванов од СДСМ.

Решение од 12 милиони денари
Крстосницата Сењак беше дел од Проектот за поврзување со локални патишта кое се реализираше преку Министерството за транспорт и врски со средства во висина од 12 милиони денари. Тогаш промовиран како „нов и модерен“ од тогашната власт, кој опфати проширување и отворање на крстосницата меѓу улиците „Сремски Фронт“ и „Борис Крајгер“, комплетно нов асфалт, светлосна сигнализација за која тогаш се изјави дека „значително ќе ја зголеми безбедноста на
оваа прометна крстосница“, дополнително проширени тротоари за безбедност на пешаците и изградба на нова автобуска постојка.

Од кавга чија заслуга е решението, до кавга чија вина е сегашната состојба
На 12 февруари 2022, двете водечки партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ влегоа во дуел чија е заслугата за реконструкцијата на крстосницата. Тогаш од ОО на СДСМ Штип му порачуваа на градоначалникот да започне со проекти од неговата програма, а не само да се слика со туѓите проекти за кои „немаат никакво учество“. ВМРО ДПМНЕ им одговори дека „Токму поради тоа што не реализираа ништо во изминативе четири години, граѓаните ги испратија во длабока опозиција. Токму поради тоа што повеќе зборуваа, отколку да работат, граѓаните ги казнија. Сега им е време да гледаат и учат како оваа Локална власт го реализира ветеното, да се фокусира на експресното работење во наредните денови, впрочем треба веќе и да се помират дека нивното време помина, тие останаа во минатото, токму затоа што не оставија никаков траг во нашиот град.“ се велеше во реакцијата од ВМРО ДПМНЕ.
Денес, надвор од официјалните политички пресметки, двете партии си дофрлаат за тоа зошто не работат семафорите и се импровизира со решение, според СДСМ и тоа дека решението не било добро и резултирало со поголеми гужви на крстосницата според неофицијални ставови од ВМРО ДПМНЕ.
Со оглед на тоа дека проектот беше финансиран од Светска банка, истиот не смее да трпи измени одреден период, па ситуацијата има две решенија – да продолжи да функционира со знаци или – да се вклучат повторно семафорите.