Општинското основно училиште (ООУ) „Синиша Стоилов“ во Општина Зрновци ќе се доградува и реконструира со средства кои се обезбедени преку Програмата за намалување на диспаритети од министерството за локална самоуправа информираа на денешната прес-конференција во Штип директорот на Центарот за развој на Источно планскиот регион, Трајче Здравков и градоначалникот на Општина Зрновци, Борче Коцев.
Здравков истакна дека преку оваа Програма се обзебедени 4.800.000 денари.
- Експидитивно во понеделник ќе ја започнаме постапката за распишување на тендер, со цел што е побрзо да го завршиме овој проект и доградбата и реконструкцијата на ООУ „Синиша Стоилов“. Сакам да изразам благодарност до министерството и министерот Перински, бидејќи експидитивно беше доделен овој договор и беше препозната неопходноста за реализација на овој проект, вели Здравков.
Тој истакна дека до 10 декември 2025 година ќе се реализира доградбата и реконструкцијата на училиштето во Општина Зрновци, со цел да се добијат подобри услови за едукација на учениците.
Градоначалникот на Општина Зрновци, Коцев изјави дека финансиската реконструкција на училиште изнесува вкупно 5.075.000 денари, од кои 4.800.000 се од министерството за локална самоуправа, а останатите средства се од општината.
- Со изградбата на оваа доградба се обезбедуваат комплетно три нови училиници, од околу 150 метри квадратни, како и внатрешно уредување на истите. Моментално две одделенија од ООУ „Синиша Стоилов“ наставата ја следат во помошен објект и со оваа реализација сите одделенија, сите ученици ќе бидат сместени во зградата на ООУ „ Синиша Стоилов“, вели Коцев.
Капацитетот на училиштето во Зрновци е за околу 150 ученици, а градоначалникот на Зрновци, Коцев се надева дека доградбата и реконструкцијата ќе завршат до почетокот на септември, со цел учениците да имаат современи и подобри услови за настава.