По повод освоеното прво место на Меѓународните спортски игри без граници во Грција, одбојкарките на клубот Младост УГД денес беа примени од градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Градоначалникот им го честиташе извонредниот настап и освоениот пехар, истакнувајќи дека нивниот успех е гордост за целиот град. Во своето обраќање, Јорданов ја изрази поддршката на Општина Штип кон спортот и најави континуирана логистичка и финансиска поддршка за одбојкарките и сите спортски клубови кои ја претставуваат општината на домашната и меѓународната сцена.
Во овој контекст, тој го најави и целосното завршување и пуштање во употреба на спортскиот центар „Џексон”, кој до крајот на годината ќе биде наменет за користење од страна на одбојкарските, кошаркарските и ракометните клубови од Штип.
На крајот од приемот, градоначалникот упати порака до одбојкарките и до сите спортисти од Штип: „Вие сте најголемите амбасадори на нашиот град и нашата држава. Вашиот труд, дисциплина и успеси се најдобриот пример за младите и најдобрата промоција на Штип на меѓународната мапа.”