Владата е стабилна, силна, има речиси двотретинска поддршка во рамки на Парламентот и очекувам да продолжиме со коалицијата Вреди од онаму каде што излезе поранешниот министер за здравство, изјави премиерот Христијан Мицкоски по посетата на ЈЗУ УК Гинекологија и акушерство Скопје.
Прашан кои функционери од Алијанса остануваат со партијата Вреди, Мицкоски рече дека тоа се стратешки теми за коишто ќе се разговара дополнително.
– Бидејќи следат локални избори, потребно е да се гледа пошироко во целиот контекст, не е едноставно. Но она што е важно е дека Владата е стабилна, силна, има речиси двотретинска поддршка во рамки на Парламентот и очекувам да продолжиме со коалицијата Вреди онаму каде што, би рекол, излезе поранешниот министер за здравство кој за жал, ја промени реториката во последните неколку денови и сега е во прегратките на оние кои повеќе од две децении го криминализираа општеството, но тоа е негова одлука, рече Мицкоски.
Во однос на средбата на Таравари во Тирана со Еди Рама, Мицкоски рече дека уште вчера знаеле дека таа средба ќе се случи.
– Претпоставувам една од темите на која што се разговара е случувањата во регионот и поблиската соработка меѓу двете земји. Така што така би коментирал, изјави Мицкоски.