Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ денеска излезе со јавна осуда за нов случај на насилство врз животни, во кој според нивните информации и сведоштва од очевидци, млад штрк бил свирепо измачуван од страна на група деца во Гевгелија.
Од „Анима Мунди“ информираат дека инцидентот е регистриран од безбедносни камери, а видеата кои циркулираат на социјалните мрежи ја потврдуваат суровоста на чинот. Животното било фатено, тепано и оставено со сериозни повреди, кои, според првични проценки, му го загрозуваат животот.
„Станува збор за свесно и брутално изживување врз младо, диво и кревко животно. Овој чин не е детска игра, туку насилен криминален акт кој мора да биде санкциониран. Очекуваме итна реакција од МВР и Јавното обвинителство,“ стои во соопштението на организацијата.
Здружението потсетува дека штрковите се заштитени видови и секое повредување или малтретирање претставува прекршување на Законот за заштита и благосостојба на животните, како и на Кривичниот законик на Република Северна Македонија.
Од МВР сè уште нема официјален коментар за случајот, но според неофицијални информации, идентификацијата на вклучените малолетници е веќе започната.
„Анима Мунди“ повикува на темелна истрага и преземање соодветни мерки не само против извршителите, туку и вклучување на Центарот за социјални работи, имајќи предвид дека ваквите однесувања често упатуваат на подлабоки психолошки или социјални проблеми.
Граѓаните на Гевгелија, а особено љубителите на животни, со огорченост реагираат на овој настан, кој уште еднаш ја отвора темата за насилството и едукацијата кај младите.