Министерството за здравство информира дека уште четворица пациенти кои беа повредени во пожарот во Кочани се враќаат од странство и ќе бидат задржани под опсервација на Клиниката за пластична хирургија и Клиниката за хируршки болести „Св.Наум Охридски”.
Поконкретно, еден од пациентите пристигна во тек на вчерашниот ден од Софија, двајца пациенти се враќаат денес од Белград, а четвртиот пациент треба да пристигне утре од Софија, со што во странските медицински центри ќе останат на лекување уште 11 пациенти од повредените во пожарот во Кочани.
-Пациентите кои се лекуваат во странство се во стабилна состојба. Специјалисти од Клиниката за пластична хирургија повеќепати во неделата редовно одат во ОБ Кочани и вршат преглед, преврски и тријажа на повредените пациенти, а воедно и специјалисти по физикална медицина и специјалисти од психијатрија се вклучени во третманот на лицата со изгореници. Министерството за здравство континуирано ја следи состојбата со повредените пациенти, со цел обезбедување најдобар можен третман, како и натамошна рехабилитација, информираат од МЗ.