Руската делегација пристигна во Истанбул на разговори со украинската делегација, кои ќе започнат попладне, соопшти РИА Новости. Во Истанбул е украинската делегација.
Во Истанбул нема да дојде рускиот претседател Владимир Путин, кој ја одобри делегацијата предводена од помошникот на претседателот Владимир Медински, објави Кремљ. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, веќе е во Истанбул.
Недоаѓањето на Путин во Турција предизвика реакција од Украина. Во соопштението од кабинетот на украинскиот претседател се вели дека тие испратиле „делегација на високо ниво која може да ги подготви потребните одлуки“.
„Изјавуваме дека Русија, за жал, испрати делегација од прилично ниско ниво со нејасен мандат во Турција. Ќе издадеме ажурирање за релевантните чекори на Украина. Продолжуваме со консултациите со нашите партнери“, се додава во соопштението.
Како одговор на коментарот на Зеленски за руската делегација, портпаролката на Министерството за надворешни работи на земјата рече: „Кловн и губитник зборува за почитувани луѓе“.
Според објавениот руски документ со потпис на Путин, покрај Медински кој ја предводеше руската делегација на преговорите со Украина во февруари 2022 година во Белорусија и во март истата година во Истанбул, се и заменик-министерот за надворешни работи Михаил Галузин , началникот на Главната дирекција на Генералштабот на руските вооружени сили Игор Костјуков и заменик-министерот за одбрана Александар Фомин.
Претходно, Радио НВ објави, повикувајќи се на извори, дека украинската делегација, која ќе отпатува во Турција со Володимир Зеленски на разговори со Русија, ќе ги вклучува шефот на неговиот кабинет Андриј Јермак , заменик-шефот на кабинетот Игор Жовква, министерот за одбрана Рустем Умеров и украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
Минатата недела, Путин предложи Украина да ги продолжи директните разговори без предуслови. Тој нагласи дека не ја исклучува можноста за постигнување вистинско примирје кое ќе го почитува Киев.
Володимир Зеленски одговори на мировната иницијатива на Путин со ултиматум: според него, Киев ќе седне на преговарачка маса само ако Москва се согласи на целосен прекин на огнот од 12 мај. Но, откако американскиот претседател Доналд Трамп ги повика властите во Киев веднаш да се согласат со предлогот на Москва, Зеленски рече дека ќе го чека рускиот лидер во Турција во четврток.
Синоќа Ројтерс , повикувајќи се на неименуван американски функционер, објави дека Трамп, кој претходно ја разгледувал можноста да оди и во Турција за да учествува во разговорите, се откажал од идејата.
Двете делегации од Русија и Украина, нема да се сретнат со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Според распоредот на настани на Ердоган, турскиот лидер ќе го прими Володимир Зеленски во неговата резиденција во Анкара.
Изминатата вечер во Турција, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха се сретна со американскиот државен секретар Марко Рубио, како што беше соопштено, „на сеопфатни разговори“.
– Двајцата претставници разменија перспективи и детално разговараа за образложението зад потенцијалните следни чекори, споделувајќи ги своите пристапи за унапредување на билатералната соработка, пишуваат украинските медиуми, повикувајќи се на објавата на Сибиха на X.
Претходно беше објавено дека Рубио пристигнал во Турција по патувањето со претседателот Доналд Трамп во Саудиска Арабија и Катар.
-Првичната цел на патувањето на Рубио – неформален состанок на министрите за надворешни работи на НАТО – беше засенета и од потенцијалните разговори меѓу Москва и Киев во Истанбул, како и од очекуваниот ангажман меѓу Рубио и неговиот сириски колега “, објави Си-Ен-Ен.
Фотографија: Рубрика