Невладината организација „Хјуман рајтс воч“ (ХРВ) денес предупреди дека Светското првенство во 2034 година, кое ФИФА ѝ го додели на Саудиска Арабија во декември, „не смее да се организира врз трупови на работници“.
Во најновиот извештај на ХРВ документирани се сериозни кршења на правата на работниците кои работат на инфраструктурни проекти поврзани со подготовките за Мундијалот.
Извештајот е заснован на интервјуа со 31 семејство на работници кои загинале на градилишта, претежно од Бангладеш, Индија и Непал, на возраст од 23 до 52 години, како и тројца очевидци на фаталните несреќи.
Бројни работници мигранти во Саудиска Арабија загинале во несреќи што можеле да се спречат, се наведува во извештајот на ХРВ.
Поголемиот број смртни случаи не се класифицирани како несреќи на работното место, со што на семејствата им се одзема правото на надомест на штета.
ХРВ наведува дека „дури и кога тоа право постои, процесот е долготрајно и исцрпувачки“.
Имало случаи на електричен удар, обезглавување, смачкување … Саудиска Арабија претставува исклучително опасна работна средина, изјави заменик-директор на ХРВ за Блиски Исток и Северна Африка, Мајкл Пејџ.
Тој додаде дека долготрајната изложеност на топлина, песок и прашина, неспроведувањето на постојните закони, ниското ниво на заштита на работничките права, како и целосното отсуство на слобода на говор, синдикално организирање и медиуми требало да биде аларм за ФИФА при доделувањето на домаќинот.
На истражувачките тимови на невладините организации не им е дозволено да влезат во Саудиска Арабија, што беше случај и со Катар пред Светското првенство во фудбал во 2022 година.
Авторите на извештајот прават директна паралела со ситуацијата во Катар, каде што бројни здруженија ги критикуваа условите за работа и големиот број смртни случаи помеѓу странските работници.