Изгубената генерација на Романија, односно приближно 30.000 деца кои беа однесени во странство во 1990-тите, сега сака да открие што е запишано во нивната ДНК. Тие се возрасни, имаат пристап до информации, но немаат контакт со семејството од кое се земени, пренеува телеграф.рс.
Некои биле продадени, други биле земени со лажни документи, а неколку едноставно биле спасени на тој начин од несигурен живот во Романија. Тие сега ги бараат своите документи, потекло и идентитет. Но, тие се соочуваат со јазични бариери, долги бирократски процеси и затворени врати.
Мал број волонтери сè уште успеваат да ги обединат семејствата. Група од нив успеала да пронајде биолошки родители или роднини за речиси 2.000 млади луѓе на социјалните мрежи. Така беа откриени многу тајни од тоа време.
По падот на комунистичкиот режим, десетици илјади деца од сиропиталиштата, како и надвор од нив, добија нова шанса кога беа посвоени во странство. Сепак, само мал број од овие посвојувања биле извршени преку официјални институции.
Стотици семејства од Соединетите Американски Држави и Европа чекале пред портите на домовите занемарени деца, надевајќи се дека ќе си заминат со дете во раце. Процесот, сепак, бил долг и комплициран.
Набрзо се појавиле „луѓе со врски“ кои им ветувале на семејствата во странство брзо посвојување, не со помош на владата, туку со помош на пари. Повеќе од пет години, Адријана Стоица им помага на младите Романци кои биле посвоени во странство и сега бараат семејства кои ги дале на посвојување, или дури ги продале.
„Премногу ги има. Сите документи што ги видов, сите одлуки, на секоја страница со потпис гледам мито. Секогаш гледам мито. Во сè“, рече Адријана.
Адријана е волонтер во групата „Никогаш заборавени деца на Романија“, која сега брои повеќе од 7.000 членови. Група волонтери разговара со оние кои се осмелиле да го направат тој чекор, за да дознаат од каде доаѓаат. И тајните што ги откриваат често се тешки.
„Тоа биле врски. Мислам дека имало цел синџир. Законодавството дури и тогаш оставало простор за толкување, и затоа можеа да си заминат толку масовно, бидејќи има десетици илјади случаи, а никој не го знае вистинскиот број“, објаснува Адријана.
Сега, Романија „срамежливо“ почнува да ги препознава овие случаи и сè повеќе луѓе зборуваат за тоа што се случило во таа земја кон крајот на минатиот век.
„Кога ќе пораснат и ќе добијат свои деца, без разлика дали сакаат или не, сакаат да откријат кои се, а потоа почнуваат да бараат, се разбира, со помош на властите и институциите. Но, јазичната бариера ги одбива, па затоа доаѓаат кај нас“, вели Адријана.
Посвоените млади лица од странство можат да аплицираат и до Државниот завод за заштита на децата и посвојување, но овој процес може да трае неколку месеци, бидејќи се спроведува преку локалните власти.
„Тие во основа доаѓаат со пораката: „Здраво, јас сум Џони и сакам да го пронајдете моето семејство“. Потоа преминуваме на деталите за тоа каде се родени и кога, кои датуми ги знаат, што знаат за своето минато, преку приказната откриваме што ги интересира и што сакаат да знаат и што бараат“, рече волонтерот.
Адријана обично разговара со млади луѓе ноќе поради различните временски зони. Информациите се собираат сè додека не се создаде целосна слика.
„Едно момче од Данска ме замоли да му ја најдам мајка му. Ја најдов многу брзо. Бидејќи станува збор за мали заедници, луѓето се познаваат и многу е лесно да се лоцираат. Не можеше да поверува дека ја најдовме толку брзо“, заклучува Адријана.
Комплетот за ДНК тест пред сè содржи упатства што мора внимателно да се следат чекор по чекор, се зема брис од примерокот од плунка во шишенце кое се испраќа во посебен плик по пошта за анализа. Резултатите обично се достапни за околу четири недели.
Исто така, постои можност за тестирање преку службите за судска медицина, но за тоа мора да бидат исполнети одредени законски критериуми.
„Во споменатиот случај, ја контактирав мајката и реков дека ќе им помогнам. Нарачав комплет за тестирање, таа и потенцијалниот син го направија тестот, кој на крајот покажа дека таа е неговата мајка“, објаснува Адријана.
Со долгогодишно искуство во повторно обединување на деца со нивните биолошки родители, Адријана научила да не осудува никого.
„Не се сите биолошки родители виновни. Не ги продадоа сите своите деца. Многумина беа принудени да ги дадат затоа што беа излажани. Им беше кажано дека децата се болни, дека ќе бидат лекувани во Америка. „Ајде да ги дадеме, бидејќи таму има болници, лекари… Да ги земеме, да ги излечиме, па да ги вратиме“, се само некои од приказните што им ги раскажале на родителите.
Најболниот дел од волонтерската работа, вели таа, се разговорите со родителите кои сè уште ги бараат своите деца.
„Имам илјадници пораки од родители. И забележав едно нешто што им е заедничко. Повеќето од нив велат дека за време на породувањето им кажале дека нивните деца починале, не им дале тело, туку тврделе дека ги кремирале. Многу од нив се прашуваат дали ги лажеле“, рече таа.
Сепак, романските закони не им дозволуваат на биолошките родители да имаат контакт со дете кое е дадено на посвојување, а многу од нив веќе дури и немаат документи за детето.
Нема официјални податоци или докази за точниот број случаи во кои родителите го напуштиле породилното одделение без своите деца.
Професионалните здруженија проценуваат дека во првите десет години по падот на комунистичкиот режим, до 100.000 деца биле посвоени во странство од Романија.