Три лица загинаа, а осум се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случи вчера вечерта на патот Кичево–Гостивар. Во несреќата учествувале три возила, а увид на местото извршил јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево и увидни екипи од Министерството за внатрешни работи, пренесува Мета.
Несреќата се случи вчера пред 21 часот помеѓу Кичево и селото Трапчин Дол. Дел од повредените се пренесени во кичевската болница, а некои и во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Сообраќајот на патот Кичево-Гостивар беше во прекин сè до 00:30 часот, но сега е нормализиран, јавува Авто-мото сојузот на Македонија.
Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево заедно со увидни екипи од МВР изврши увид на лице место на патот Кичево-Гостивар каде во сообраќајна несреќа меѓу три возила животот го загубија три лица, а осум се повредени.
Со цел утврдување на причините за несреќата подигнати се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење. Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на телата на починатите, како и за испитување на евентуално присуство на алкохол или други супстанции кај повредените.
По насоки на јавниот обвинител продолжуваат да се преземаат и други дејствија.