Кина започна дипломатска офанзива во Југоисточна Азија во услови на заострен трговски спор со САД, анализира Би-Би-Си.
Кинескиот претседател Си Џинпинг пристигна во Виетнам, каде се сретна со лидерот на Комунистичката партија То Лам и премиерот Фам Мин Чин. Во разговорите, Си повика на заедничко спротивставување на „едностраното малтретирање“ за да се зачува глобалниот систем на слободна трговина, пренесува кинеската агенција „Синхуа“.
За време на посетата, Кина и Виетнам потпишаа 45 договори кои опфаќаат области како синџири на снабдување, инфраструктура и вештачка интелигенција. Си наскоро заминува за Малезија, а во текот на неделата ќе ја посети и Камбоџа. Посетата доаѓа во чувствителен момент за регионот, кој е под зголемен трговски притисок од Вашингтон. САД неодамна објавија 90-дневна пауза за воведување нови царини, кои досега достигнуваа до 49 отсто за извозот од некои земји во регионот, додека на кинескиот извоз во САД веќе е воведена царина од 145 отсто.
Ова патување е дел од пошироката стратегија на Пекинг за зацврстување на влијанието во Југоисточна Азија во време на влошени трговски и политички односи со САД. Кина има силни економски врски со земјите од АСЕАН, регионален сојуз на десет држави, кои сега се под притисок да изберат страна во спорот меѓу САД и Кина, пишува Би-Би-Си.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој се врати на власт, ја засили царинската политика започната во неговиот прв мандат. Како резултат, многу кинески компании го преместија производството во земји како Виетнам и Камбоџа за да ги избегнат американските царини. Се проценува дека една четвртина од кинескиот извоз сега оди преку трети земји.
Сепак, овие земји сега водат свои трговски преговори со Вашингтон, а Пекинг стравува дека САД би можеле да ги искористат за да ги натераат да се согласат на услови што би ја исклучиле Кина од синџирите на снабдување. Но губењето на американскиот пазар, за земјите во регионот, би било тежок удар. На пример, извозот во САД сочинува околу 30 отсто од БДП на Виетнам, па губењето на американскиот пазар би предизвикало сериозни економски проблеми.
Затоа Си започна дипломатска офанзива за да ги увери регионалните партнери дека Кина е стабилен и доверлив економски сојузник. На неодамнешна конференција за надворешната политика, тој истакна дека односите со Југоисточна Азија се „клучен темел за развојот и просперитетот на Кина“.
Кинеското Министерство за надворешни работи, преку портпаролот Лин Џиан, нагласи дека Кина и земјите од регионот се „добри соседи, пријатели и партнери со заедничка иднина“. Кина, исто така, ги истакнува своите инвестиции во регионалната инфраструктура, особено железничките проекти, за разлика од САД, кои неодамна го намалија буџетот за Агенцијата за меѓународен развој (USAID).
Во овој економски натпревар меѓу Пекинг и Вашингтон, Си Џинпинг сака земјите од Југоисточна Азија јасно да изберат страна и да бидат свесни за цената на нивниот избор.