По првичниот насилен протест, ден по трагедијата во дискотеката „Пулс“, Кочани замолче во својата тага. Тој понеделник, на 17-ти март, мирниот протест премина во немири, во кои беа искршени вратите и прозорците на општинската зграда. Потоа беше демолирано кафулето „Класик“ во сопственост на газдата на „Пулс“, беше каменувана куќата на градоначалникот Љупчо Папазов, беа искршени стаклата на објект на приватна пошта во концесија на сопственикот на „Пулс“, беше превртено возило, а намирите запреа пред куќата на сопственикот на „Пулс“, каде демонстрантите ги пречекаа единици на ЕБР, кои ги блокираа сите приоди, по што по едночасовно натегање, со посредство на свештеникот Димитар Арсовски, демонстраните се разотидоа. Свештеникот со помош од полициските службеници беше качен на предницата на полициското возило од каде им се обрати на демонстрантите, на што дел од нив му дофрлаа дека „полициско возило кое штити криминалец не е соодветен подиум од кој треба да се обрати свештеник“. Свештеникот Арсовски им врати на демонстрантите дека за ова обраќање разговарал и со Брегалничкиот митрополит Иларион, кој му рекол дека „ако треба и самиот ќе дојде“.

Црквата и црковните луѓе ја имаа најголемата смирувачка улога во настаните кои очигледно, полицијата не можеше целосно да ги контролира. Од тој ден профункционира „рецептот за смирување на гневот на толпата“.
Приказната за смирувањето на толпата од одбраните зборови на отец Арсовски бргу се рашири низ интернетот, а веќе следниот ден на следниот протест во Кочани се појави и митрополитот Иларион, кој по богослужбата на платото пред Центарот за култура „Бели Мугри“, им се обрати на присутните мирно и достоинствено да си заминат во своите домови.
Освен добронамерната и смирувачка мисија на црквата, на масовноста на протестите и во нивното смирување, според споделувањето на искуствата на некои од корисниците на социјалните мрежи, влијаеле и наводните информативни разговори, кои МВР ги вршело во полициската станица во Кочани со демонстранти од немирите.

На вчерашната прес конференција на новинарско прашање за тоа дали се гонат кривично лица кои учествуваа во првите протести во Кочани, понеделникот по несреќата, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, не одговори негативно, туку делумно ја потврди информацијата дека сепак дел од учесниците на протестите ќе бидат гонети од МВР.
- Од информациите кои што беа споделени во јавноста дел се точни, дел се неточни. Секаде каде што постои основи на сомнение дека е сторено одредено кривично дело, МВР ќе постапи и ќе процесуира соодветна постапка до надлежното Јавно обвинителство. Онаму каде што постојат докази на степен на основи на сомнение ќе процесуираме соодветни постапки. Во конкретниот случај не би можел да специфицирам, но генерално, секаде каде што постојат докази дека е сторено одредено кривично дело од страна на било кој, без оглед дали седи на одредено столче во рамки на одредена институција или без оглед дали се однесува незаконито на улица, МВР ќе постапи. Заради тоа што еднаш засекогаш во оваа држава мора сите да се сложиме дали ќе ги почитуваме правилата на игра или нема да ги почитуваме. Ако сакаме да имаме држава мора да ги почитуваме правилата на игра, изјави Тошковски.

Според некои јавно искажани објаснувања од граѓаните, Кочани и неговите жители се во преголема болка од загубата на своите деца, за да се кренат и да го искажат својот гнев и револт.
Се’ до претходниот викенд кога се одржа „Маршот за Ангелите“, кога на улиците на Кочани излегоа родителите, браќата, сестрите, другарите соседите на починатите. Најавено е дека секоја сабота во Кочани повторно се одржуваат собири, но овој пат мирни, организирани од семејствата на загинатите, на кои во изминатите две саботи се појавија помеѓу 800 и 1000 луѓе. На протестот викендов, од присутните родители пред ОВР Кочани и пред Јавното обвинителство имаше повици за „отчетност“ и „транспарентност“ во истрагата. Случајно или не, рано утрото се случија нови приведувања. Има и нови притвори и проширување на истрагата. Станува јасно дека во Кочани нема просто задоволување за правдата со реченицата „се’ е според законот и прописите“.