Надминати се административните пречки и наредните денови се очекува да се почне со поставување на конструкцијата на спортско-рекреативниот центар „Џексон“, информираше денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Изградбата на овој спортски комплекс, кој се наоѓа во централното градско подрачје почна да се гради пред десет месеци, а средствата се обезбедени од државниот буџет. Во спортскиот центар „Џексон“ ќе се обезбедат услови за организирање на спортски натпревари според ФИБА стандарди, ќе биде мултифункционлен и од големо значење за градот.
- Имавме одредени административни пречки, измени во тек на градба со цел да се подобри првично планираниот проект и од аспект на капацитетност и од аспект на содржина. Овие административни пречки веќе се надминати и веќе е започнато со продолжување на активностите. Очекувам следните недели да се почне со поставување на конструкцијата на спортскиот објект, спортски храм кој ќе има капацитет од илјада посетители и во кој ќе се одвиват неколку спортски дисциплини, рече Јорданов.
Тој додаде дека спортско рекреативниот центар „Џексон“ се очекува да биде готов до крајот на годината.
- Динамиката за изградба на Џексон е предвидено да биде во 2025 година и верувам дека до крајот на годината, најголем дел од предвидени градежни активности ќе бидат завршени, вели Јорданов. Спортско ректративниот центар „Џексон“ ќе добие и нови трибини, соблекувални и тоалети.