Американските власти до септември оваа година ќе ја утврдат причината за аутизмот, изјави американскиот секретар за здравство Роберт Кенеди Џуниор.
„Ќе знаеме до септември. Почнавме масовно тестирање и истражување во кое ќе бидат вклучени стотици научници од целиот свет“, рече Кенеди на состанокот на кабинетот на претседателот Доналд Трамп.
„До септември ќе знаеме што ја предизвикало епидемијата на аутизам и ќе можеме да ги елиминираме тие изложувања“.
Во февруари, Трамп нареди да се создаде комисија „Направи ја Америка повторно здрава“, во која членуваат Кенеди и други министри, за да се испита се, од стапките на аутизам и астма кај децата до количината на лекови што им се препишани за АДХД или други состојби.
Дијагнозите за аутизам во САД значително се зголемија од 2000 година, што ја засили загриженоста на јавноста. Научниците истражуваат со децении кои генетски или еколошки фактори можат да придонесат за аутизам, но причините за повеќето случаи остануваат нејасни.
Кенеди долго време ја промовираше врската помеѓу вакцините и аутизмот, и покрај научните докази за спротивното. МИА