Претреси во домот, возилото и два угостителски објекти на сопственикот на дискотеката „Пулс“, како и во Државен пазарен инспекторат – Канцеларија Кочани, се извршени вчера во рамки на истрагата за трагичниот пожар во Кочани. Како што информира МВР, при претресите одземени се лап топ компјутери, повеќе мобилни уреди, документација и други предмети.
-На 25.03.2025 од страна на полициски службеници извршени се претреси во домот на Д.Ј., неговото возило „инсигниа“ и два угостителски објекти, како и во Државен пазарен инспекторат – Канцеларија Кочани. Во домот на Д.Ј. пронајдени и одземени се лап топ компјутери, повеќе мобилни уреди, документација и други предмети. Одредени предмети се одземени и од возилото и од угостителските објекти, а пронајдена и одземена е и финансиска документација, информираат од МВР.
Во ДПИ- Канцеларија Кочани пронајден и одземен е еден компјутер, еден лап топ компјутер и еден таблет, како и целокупната документација поврзана со правни субјекти во сопственост на Д.Ј.
Во рамки на истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ вчера беа извршени повеќе претреси за обезбедување докази и распити на лица, на повеќе локации во Скопје и Кочани.
Јавното обвинителство вчера соопшти дека истражните тимови при претреси на пет локации во Кочани и во Скопје одзеле дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се и распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија. Обвинителството најави дека ќе издаде наредба и до Управата за финансиска полиција за преземање определени дејствија поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, осомничените и други лица.
Тимот од јавни обвинители работи на активности кои вклучуваат распит на повеќе од 300 сведоци, како и други истражни дејствија и соодветни вештачења од повеќе области.
Вкупниот број на осомничени за пожарот во Кочани досега е 34 лица. Со истрагата се опфатени 27 физички и три правни лица, а истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.
Во пожарот на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 59 лица, а околу 200 беа повредени.