Дојде бугарски пратеник во Кочани да донесе донации, додека македонските пратеници се самоизземаа од активности сред најголемата национална трагедија. Всушност, отидоа на одмор.
Ден по трагедијата, Собранието објави дека координаторите на сите пратенички групи се договориле дека пратениците нема да заседаваат освен за „усвојување на акти поврзани со трагедијата во Кочани“.
Ги повикаа граѓаните да се потпишат во отворената книга на жалост. И тоа е се’. За задутре, во четврток, вообичаено како за последен четврток од месецот, требаше да се одржи седница за пратенички прашања, што јасно е, според известувањето од Собранието, овој месец нема да се одржи. Со тоа, претставниците на извршната власт ќе се „спасат’ од одговарање на непријатни прашања за трагедијата во Кочани. Со тоа, се сложиле сите пратенички групи, кога координаторите се согласиле на полумесечен одмор од работа.
Одлуката на пратениците денеска не сакаше да ја коментира премиерот Христијан Мицкоски со образложение „немам коментар, тоа прашање новинарите на Собранието да го адресираат“.
И пратениците имаат принуден одмор како и работниците, само што тоа нема да им се одрази на платата, последица што ја трпат тие покрај машините и на градилиштата.
В.К.