Позитивна, весела и насмеана, тоа се едни од главните обележја на нашата фолк ѕвезда Татјана Лазаревска. Таква била одсекогаш а и денес кога веќе навлезе во зрелото доба. Минатиот месец ја потпиша првата 50-ка и со ист шарм, убавина, радост и насмевка зачекори во шестата деценија од животот. Вели дека не им се плаши на годините, на животните искушенија и предизвици, бидејќи, како и досега, така и од сега ќе продолжи животот да го гледа само и само низ розови очила. За ММС таа вели дека така е поубаво, така е полесно, така е посреќна, бидејќи најважно е како се чувствуваш, а не колку години имаш. Со Татјана разговаравме за „моите 50“, за животот, за жената и за се она што ја прави среќна.
Минатиот месец славеше јубилеен 50-ти роденден. Како се чувствуваш?
-Последните десет години јас едвај чекав да направам 50 години! Чудно е ама е така. Кога наполнив 40 јас сонував како ќе изледа кога ќе направам 50. Интересно е што бројката е голема а јас се чувствувам како да сум на пола, како на 25. И 40 е број и 60 е број ама оваа 50-ка е некако поинаку, како со неко друго значење, некако посебна. Пола век поминал. Дека 50 е број и важно е како се чувствуваш, а не колку години имаш сфаќаш откако ќе наполниш 40. Со години размислував каков ќе биде роденденот, па каква забава ќе направам, многу фантазии ми поминаа низ глава. Но, на крај моето славење на јубилејниот роденден испадна многу повеќе отколку што очекував и посакував. Многу сум задоволна. Како влегов во 50-ка така ме затера една убава енергија и фала му на Бога нека потрае.
Твоето животно мото беше дека животот треба да се гледа низ розови очила. Важи ли уште тоа или со годините нешто се смени?

-Да. Сега само се потврди тоа мое мото. Мојот почитуван сопруг носи очила на реалноста, кои помалку се сиви, а мојот избор се секогаш розови. И за да го направам тоа како треба јас на роденденската журка на сите им купив розови очила. И кога се заблагодарував на сите посебно се заблагодарив на Новица и го натерав да ми вети од тој ден па следните 50 години и тој да гледа само низ розови очила. Ми вети па ќе видиме дали ќе си го исполни. Сакам да се случуваат само убави работи и да ја гледам позитивната страна на секого и на се. Сите ние имаме сиви или црни наочари ама наш избор е дали ќе ги гледаме убавите или помалку убавите работи. Во луѓето навистина се трудам да ги гледам само убавите работи. И јас сум човек од крв и месо и јас паѓам психички и со дух. Но, штом ги ставам розевите очила веднаш е поинаку.
Секогаш си насмеана и расположена, од каде ја црпеш енергијата?
-Ако јас гледам црнила пред мене и ако само слушам црни вести како ќе живеам. Ќе си ставиш розови очила, ќе си мислиш дека се е супер, дека сите се супер, дека сите те сакаат, дека сите ги сакаш, дека сите се среќни и ќе произведеш среќа. Многу е едноставно. Се е избор. Прави добро и ќе биде добро. Мисли добро и ќе биде добро. Сите сме имале успони и падови. Еве го гледам нашето патување во Австралија. Секој кој фатил куфер не му е лесно.
Без оглед на кој начин и со која мотивција дошол не му е лесно. Јас не се жалам. Едноставно тоа е животниот пат. Ако ги немаш тие розови очила како ќе опстанеш. Никому не му е совршено во животот. Мене лично Австралија како дестинација ништо не ми значи. Јас и во Италија да бев, во Германија, Шведска или не знам каде, мене сето тоа ми е дијаспора, јас и таму ќе направев да ми биде убаво. Затоа како низ шега кажувам и на Марс да сум ќе направам да ми биде интересно. Сама си правам задоволство. Знам да си направам малите нешта да ме направат среќна, им се радувам. Тоа е мој избор. Сакам да се радувам. И затоа им се радувам на овие 50 години. Супер ми се, многу убави.
Многумина ги сфаќаат како навлегување во старост, од која многумина се плашат. А ти?

-Зашто да не ја сакам староста? Па уште ме чекаат убави нешта. Да оженам деца, да добијам внучиња, да бидам баба. Колку е тоа убаво. Јас мислам на убави работи. Па ќе си шетам со внучиња. Пред некое време Новица ми вели: „јас сум подготвен да чувам внучиња“. Реков и јас сум подготвена. Па да се шетаме по пензионерски одмори, па пензионерски журки, дружби. Зошто да не ја сакам староста.
Па боли ова, боли она.. Освен тоа живееме во лудо и нездраво време…
-Да ама за жал живееме во такво време што многу млади луѓе ги боли се и сешто. Сега староста да ја доживееше е привилегија. Затоа и се радувам. Сум прекрцала некоја бројка и одиме понатаму. Ова е освојување на животот. Се бориш против болести, против стресови, против искушенија и секоја година кога славиме роденден славиме победа. Уште една година сум победила против искушенијата. Затоа не ме плаши ништо. Не сакам да мислам. Има еден куп колеги кои се доајени и си ужививаат во животот. Мене лајфмотив ми е Лепа Луќиќ. Што и фали. Се е до нас, до нашата глава. До Господ и до нас.
Ги чувствуваш ли овие 50 години како пресвртница во животот?

-Па да. Ги чувствувам како пресвртница на најубав можен начин. Како да влегувам во друга ера. Првите 50 поминаа, ај сега другите. Иако се е дар од Бога, па се понатаму е како дар од Бога. Но, јас ќе си ги носам розовите очила до смрт. Веројатно созреав. Последниве години емотивно созреав, се менувам, односно се трудам да се сменам и животните предизвици да ги претворам во нешто позитивно. Секако дека има денови кога ќе паднам ама наредниот ден толку, одиме понатаму.
Два пати славеше роденден, ќе има ли трет пат?
-Дааа, секако, третата журка ќе биде во Македонија со моето семејство, со најблиските и пријателите. Оваа година во нашето семејство има многу јубилеи за славење. Во јануари ни беше 10 години откако сме на австралиска адреса, во февруари мојот јубилеен роденден, во јуни мајка ми слави 70 години, во јули Стефан слави 18 роденден, а во септември јас и Новица 30 години кариера. Што повеќе да посакам.
Како ќе прославите 30 години кариера?

-Имаме планови за голем концерт. Сакаме да направиме концерт прво во Македонија, па истото потоа да го направиме и во Австралија. Концертот ми е лајфмотив, фокусирана сум. Сценариото одамна ми е во глава. Навистина имам голема желба. Верувам во тоа, знам дека ќе биде полн погодок. Се надевам дека Господ ќе даде шанса да прославиме 30 години со Новица, нашето заедничко битисување на македонската естрада.
Задоволна ли си од кариерата во Австралија?
-Со оглед на условите презадоволна сум. Австралиската публика е прекрасна. Инаку, не сум престанала да комуницирам со луѓе и медиуми од Македонија. Во Австралија направивме две шоу емисии, а си комуницирам со колеги и супер ни е. Гледам максимално да ги искристам социјалните мрежи и презадоволна сум. Со социјалните мрежи далечината не е пречка за комуникација.
Како ќе го прославиш Денот на жената. Задоволна ли си од третманот на жената денес?
-Јас сега ќе зборувам за себе, како жена во две улоги- како сопруга и како мајка. Како жена- сопруга фала му на Бога сум презадоволна. Можеби изгледа дека идеализирам, но го кажувам искрено. Од Новица имам третман многу. Презадоволна сум. Од децата како жена- мајка сум исто така презадоволна. Знаеш зашто? Секогаш си мислам дека таму некаде далеку има полошо. Затоа секогаш си викам од лошо има полошо, но и од добро има подобро. Јас сум за таа средина, златна средина. Мислам дека јас се наоѓам таму. Како жена во опшеството исто така сум задоволна, добивам љубов и внимание од луѓе, од фанови, од пријатели. Има и непријатели ама јас се посветувам и се занимавам само со пријателите.

А ако мислиш за правата на жените тоа за мене малку е… Мислам дека ние како жени малку се изгубивме. Малку претервме во барање на права и еднаквост. Јас сум старомодна и сакам мажот да е маж а жената да е жена. Да има разлика и треба да се знае кој е кој. Треба да се знае кој е маж, што тој треба да придонесе во семејството, а што жената. Ние се трудиме да функционираме така, не си се мешаме у штипки иако си помагаме и си се поддржуваме како треба. Новица често може да се види во кујна, но тоа ниту му е наредено ниту, пак, дека немал друг избор. Тој многу сака храна, сака да готви а јас дозволувам тој да биде среќен во кујната. А после тоа што остава хаос во кујна и што треба да чистам е друга приказна. Хахаххахаха. Навистина тоа не го прави затоа што мора, како што јас морам, затоа што сум жена и мајка, тој прави затоа што сака. Има разлика.
Ја чепната шестата децени и без корекции изгледаш многу младо. На што се должи тоа?
-На ништо. Одам на фризер и на шминкер кога треба. Гардероба сама си бирам. Не одам на вежбање. Апсолутно за себе ништо не правам освен што работам на моите мисли. Се друго се гени и мајка природа. Да не се разбереме погрешно. Јас немам проблем со тоа, не го осудувам. Јас сум еден чуден тип и таа чудна страна од мојот карактер ме одвојува. Кога сите ствааа надградба, јас се шишав кратко, кога сите се шишаа кратко, јас ставав надградба. Има жени на кои тоа им изгледа многу убаво, природно, ненаметливо, но има и каде што е грдо за гледање. Немам против естетските корекции, тоа е избор на секој. Јас моментално се уште не размислувам на тоа. Во моментов убаво ми е во мојата кожа…
Весна Миленковска
Фото: Приватна архива