Веќе една година доцни завршувањето на изградбата на булеварското решение од излезот на Струмица кон селото Дабиле и границата со Бугарија, што е резултат на опструкција и блокада од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), обвини денеска градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов.
На прес конференција, Костадинов директно се обрати на, како што рече, „власта на ВМРО ДПМНЕ“ во негово име и во име на граѓаните на Струмица, да одговори зошто се блокира реконструкцијата на патот Струмица – Дабиле во булеварско решение?

-Ова е многу голем проблем за нас струмичани, но и оние кои патуваат до Бугарија, Ново Село, Берово и за индустриската зона во којашто егзистираат триесетина компании коишто гледаат фамилии и даваат плати со чесно заработени пари. Овој проект за којшто ние сме сакале да покажеме партнерски однос кон државата и сме потпишале Спогодба е блокиран поради неспособност или поради водење инает со цела Струмица. Оваа Спогодба општина Струмица ја има потпишано со Јавното претпријатие за државни патишта кое е под ингеренции на Министерството за транспорт и врски, а кое требаше целосно да ги реши сите имотно – правни односи за потребното земјиште. Но, од кога е потпишана Спогодбата експропријацијата не е решена, а со тоа ниту нашиот изведувач на општина Струмица, ниту изведувачот на ЈПДП, ниту ЕВН кој што треба да направи дислокација на одредени столбови, не можат да работат заради незавршени имотно – правни односи. Кој и зошто ја блокира општина Струмица?, праша Костадинов.
Тој додаде дека во овој дел има 30 компании коишто се грижат за семејствата и даваат плати со чесно заработени пари.
-овде поминуваат болнички возила и граѓани коишто секојдневно имаат најразлични потреби, станува збор за една од најфреквентните делници во Македонија, ова повеќе нема да го толерираме и заслужуваме одговор и мора сите да се фатиме за работа наместо како делегации да трошиме по 200 илјади евра во еден правец, истакна Костадинов.