Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска се извини што дописниците на Радио Телевизија на Србија (РТС) од Ниш ги нарече „имбецили“, но во исто време оцени дека тие „не се новинари, туку навреда за нивната професија“.
Како што пренесе Бета, Вучиќ во своето извинување наведе дека нема право никого да нарекува имбецил, но и дека „подеднакво лошо мисли за професионалноста и објективноста на споменатите новинари“.
– Верувам дека во ова мое извинување луѓето ја гледаат разликата, не само во одговорноста, туку и во почитта што ја покажувам кон луѓето кои размислуваат поинаку. Верувам дека луѓето ја гледаат разликата во однос на оние опозициски политичари кои се закануваат со смрт, целосно свесно и без волја и желба да се извинат, но и разликата во однос на лицемерниот колегиум на РТС кој не го осуди физичкото попречување и нападот на екипа на РТС за време на протестот на 1 февруари во Нови Сад, ниту претходно во Автокоманда, изјави српскиот претседател.
Вучиќ оцени дека „пленумот победил на РТС“, а неговата работа како претседател на државата е „да направи се за да победи правото и моралот во Србија“.
Програмскиот колегиум на РТС и редакцијата на Дописиштвото на јавниот сервис од Ниш ја осудија изјавата на Вучиќ, кој на митингот во Бор ја навреди новинарката на РТС Лидија Георгијев нарекувајќи ја „имбецил“.
– Ниту еден носител на јавна функција, без разлика на која политичка партија припаѓа, нема право да зборува за нашите колеги на ваков навредлив начин, соопшти РТС.
Се додава дека РТС е „единствениот медиум кој, и покрај сите свои слабости, се обидува да одржи дух на толеранција во својата програма и да иницира некаков дијалог меѓу спротивставените политички партии“.
– Затоа бараме од сите носители на јавни функции да ги почитуваат нашите новинари и куќата која се труди да го зачува духот на нормалноста и пристојноста во општеството, наведува Програмскиот колегиум.