Покачувањето на минималната плата од 1812 денари не претставува никакво покачување на платите, туку усогласување со трошоците за живот, кое е законска обврска, вели Кристина Ампева од Гласен Текстилец за ММС:
- Минималната нето плата од март 2025 ќе изнесува 24.379 денари, или 1812 денари отприлика е покачувањето, односно, тоа не е никакво покачување, туку усогласување кое се случува секоја година во март согласно Законот за минимална плата и покачувањата на трошоците за живот. Таа сума и илјада и осумстотини денари е незначителна, па затоа и бараме реално покачување на минималната плата на 31.000 денари преку замрзнувања на придонесите. Не знам зошто новата влада е толку против замрзнување на придонеси кога и тие кога беа во опозиција го бараа истото. Ќе има поголем нето износ кај вработените со нијниски приходи, ќе се намали сивата економија преку оние исплати на пари во плик и повторно истите даноци ќе се слеваат во фондовите за пензиско и здравствено осигурување. Нема никакво државно субвенционирање, за истите пари се работи кои ќе одлеваат во фондовите, но работниците ќе осетат на својата нето плата. И сега одговорот од новата влада е дека нема пари во фондовите и не смее да има замрзнување на придонеси. Тоа што некои краделе од овие фондови не може да го плаќаме ние. Затоа постојат финансиска полиција , јавно обвинителство и закони, нека има конечно конфискација и нека парите што некои ги краделе нека ги вратат назад во фондовите преку институциите што се должни да го прават тоа, а се платени од нашите даноци повторно, вели Ампева.
Ампева смета дека треба да се водиме според концептот плата за живот:
- Концептот плата за живот е нешто кон кое се стремат Меѓународната организација на трудот, Советот на Европа и Обединетите нации и веќе распространет и се работи на негова методологија заедно со синдикати, организации и иницијативи. Во платата за живот се пресметуваат трошоците за храна, хигиена, здравство, култура, образование, комунални услуги и трошоците што едно четиричлено семејство ќе ги има за еднаш во годината си дозволи и еднонеделен одмор, меѓутоа да имаме и процент од платата што ќе оди за заштеда. Под заштеда збориме за тоа, пример, ако некој апарат за домаќинство ни се расипе, да не одиме по кредит или на рати да купуваме нов, туку си имаме заштеда и користиме од таа заштеда. Во денешно време работничката класа не може ни да преживее од својот труд, па така некои попаметни од нас планирале и воведуваат ваков концепт. Неприфатливо е работникот да работи минимум 40 часа неделно, а да едвај има за сметки да си плати и нешто најефтино за јадење и неквалитетно. Па после се чудиме зошто со вакви стресови, не грижа од надлежните, руинирани институции , образовни и здравствени, ниски плати и висока инфлација, се одразува на кратење на животниот век, додава Ампева.
Од Гласен Текстилец сметаат дека ориентирањето за животниот стандард на луѓето според просечната плата е несоодветно, бидејќи поголемиот дел од работниците земаат плата помала од просечната во државата. Ориентир за животниот стандард на луѓето, треба да биде медијалната плата:
- Медијалната плата дава реална слика за тоа колкава плата зема мнозинството на работници. Но кај нас не се води дебата ниту е некаде на видик дека треба да се пресметува медијалната плата. Просечната плата која ја објавува Државен завод за статистика е просек од она што го земаат како плата функционерите со 78% покачување, директори со по 20.000 евра плата наспроти платата на општ работник, конфекционер/ка, продавач/ка , кои се со најниски плати и затоа постојано ќе читаме дека просечната плата изнесува над 43.000 денари. Оваа сума на плата е далеку од реалноста и она што го земаат мнозинството работници во име на плата. Затоа кога ќе прочитаме текст со објава од ДЗС за плата од над 43.000 денари, веднаш се создава револт меѓу граѓаните. Медијалната плата е многу важна и за економистите и за државата за да видат дека мнозинството граѓани живеат со плати и имаат плати до 24.000 денари, додава Ампева.
М. Каровски