Платформа на реката Отиња кај градскиот трговски центар и две катни гаражи, една позади административната зграда на општината, а една кај зградата Промаја, планира да изгради општина Штип за нови 150 паркинг места:
- Две паркинг позиции на повеќе ниво се планирани да бидат изградени во централното градско подрачје, едната е веднаш позади административната зграда на општина Штип, другата паркинг позиција е кај зградата Промаја, на три нивоа. Верувам дека и со изградбата на платформа која што е најавена, на оној дел од коритото на река Отиња кој што не е уреден и кој што не се користи како пешачка зона, ќе се зголеми паркинг просторот за некаде околу 40-тина паркинг возила, и со тоа, заклучно со претходно споменатите проекти, ќе добиеме некаде повеќе од 150 паркинг позиции во централното градско подрачје, во рамки на оваа 2025 година, вели градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

Привршува и изградбата на конзолата меѓу Влашкиот мост и плоштадот „Слобода“:
- Она кое што во моментов се работи е довршување и последната фаза од конзолата на потегот од мостот кај Стопанска банка до Каменик мост. Овде деновиве се очекува конзолата да биде финиширана и да биде ставена во употреба, со тоа што ќе дојде до проширување на овој потег од самата сообраќајница. Согласно проектот којшто го имаме, ова е последниот потег кој што се предвидува да биде изграден, имајќи во предвид дека се планира една платформа во коритото на река Отиња, верувам дека со ова ќе се заокружи проектот за проширување на двете главни сообраќајници низводно на река Отиња, тоа се улицата „Васил Главинов“ и улицата „Маршал Тито“ и ќе овозможат проширување, повеќе паркинг места и попрегледен проток и движење на возилата, додава Јорданов.

Сообраќајот по двете главни улици покрај Отиња останува еднонасочен:
- Проектот предвидува еднонасочно движење, ние во насока на подобрување на состојбата на прегледност и движење на возилата, направивме и една сообраќајна студија, која што покажа дека еднонасочното движење, доколку се почитуваат сообраќајните правила, е многу побрз проток на движење на возилата, затоа што нема точки на комуникација и директна комуникација, како што е двонасочното движење, така да, согласно анализите, согласно заклучоците од сообраќајната студија, се одлучи да имаме еднонасочно движење на овие две главни сообраќајници, подвлекува Јорданов.
(М.К.)