Во време кога Македонија се соочува со сериозна економска криза, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не успева да ги заштити граѓаните од растечките трошоци за живот. Министерот за економија, Дурмиши, како и премиерот Мицкоски, предлагаат мерки кои не носат никаква реална корист, обвинуваат од опозициската СДСМ.
Според нив, објавувањето на цените на веб-страниците на маркетите не е решение за намалување на животните трошоци, туку „евтин и смешен обид“ да се покаже дека се презема нешто, додека граѓаните се соочуваат со сè поголема сиромаштија.
„Цените растат неконтролирано, струјата и парното поскапеа, а граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Наместо конкретни чекори за справување со кризата, Владата нуди мерки кои немаат никаков ефект“, се вели во реакцијата.
Додаваат и дека загрижува фактот што, според анализите, денес на едно семејство му се потребни три минимални плати за да ја покрие потрошувачката кошничка – значително повеќе во споредба со периодот кога СДСМ била на власт, кога биле доволни две.
Од опозицијата потсетуваат дека понудиле конкретни решенија како намалување на ДДВ-то на струјата, но ВМРО-ДПМНЕ ги одбила сите предлози и донела задоцнети и неефикасни мерки.
Како резултат на овие политики, граѓаните се соочуваат со огромни финансиски проблеми, а секој ден плаќаат висока цена за владината неспособност, додаваат тие.