Експресниот пат Штип – Кочани важи за една од најцрните точки во македонскиот патен сообраќај. Трендот на несреќи патот го имаше и во 2024, кога само во првите пет месеци од годината се случија девет сообраќајни несреќи, во кои вкупно имаше над 20 повредени, а три несреќи беа со смртен исход, во кои загинаа пет лица.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска во Штип изјави дека МВР ќе постави камери во рамки на проектот Safe City, најпрво во првата фаза ќе се постават камери низ Скопје, Тетово и Куманово, а потоа ќе премине кон втората фаза, во која освен низ градовите во Македонија, камери ќе има и на црните точки од автопатиштата и експресните патишта, каде што има најмногу несреќи и загинати:
- Ќе бидат опфатени, не само градовите, туку и автопатиштата и експресните патишта кои што ги имаме, особено на оние црни точки каде што да кажеме дека во континуитет во минатото сме имале најголем број на сообраќајни незгоди и особено жртви на сообраќајни незгоди. Штип секако е вклучен во рамки на имплементацијата на проектот на МВР, а секако дека секоја една инвестиција на секоја општина во делот на зголемување на степенот на безбедност, самоиницијативно во рамки на сопствените буџети, апсолутно ќе биде добредојдена. Но, тој тип на камери кои што се набавуваат од страна на општините ќе бидат секако ставени во функција на капацитетите на МВР, но тие ќе имаат еден друг степен на употребливост, односно нема да бидат врзани во рамки на оној проект којшто ние го работиме, но секако дека ваквите проекти се од интерес на МВР, се од интерес за подигнување на степенот на безбедност во секој еден град, така да го поддржуваме тој проект и секако дека заедно ќе ги ползиме функционалните карактеристики на секој еден таков проект којшто ке биде имплементиран, вели Тошковски.

Во интервју за ММС претходно, сообраќајниот експерт и инструктор на возачи, Драган Рогожарски, посочи дека во Македонија трендот на сообраќајни несреќи бележи раст:
- Статистички гледано, Македонија е држава со растечка бројка на загинати лица од година во година. Тоа се должи на непочитувањето на сообраќајните знаци и правила, ниската стапка на свесност на возачите, како и неконтролираното возење под дејство на алкохол и супстанци. Имаме сериозни бројки, со над седум илјади повредени и 127 загинати изминатата година, од кои 64 биле возачи на возилата. Мора да се преземат драстични казни за несовесно возење и трајни одземања на возачките дозволи, изјави Рогожарски.

Во рамки на проектот Safe City ќе бидат поставени 220 камери и на територијата на градот Штип, а со нив ќе оперираат од Министерството за внатрешни работи, модел кој е применет и во многу европски земји.