Сојузот на тутунските здруженија е незадоволен од понудените цени на 10-те откупувачи во земјава за новата реколта тутун. Од Сојузот нагласуваат дека побарале 30-тина, а добиле само околу 5 проценти повисоки цени на тутунот за годинашнава реколта.
-Не сме задоволни од преговорите што овие денови ги имавме со откупувачите под покровителство на Министерството за земјоделство. Понудивме реални цени според трошоците: за прва класа откупен тутун 510 денари, за втора 450, а за третата класа 390 денари од килограм откупен тутун. Првично откупувачите, половината од нив, понудија стари цени, што веднаш го отфрливме, а потоа и што е понуда која ќе ја бираат тутунарите при склучувачето на договорите се движи од: за прва класа од 414 до 420 денари, за втора од 312 до 360, а за трета класа од 250 до 300 денари за килограм откупен тутун. Најголемите откупувачи понудија најмала цена. Ние немаме ингеренции да го стопираме склучувањето на договорите за новата реколта, во спротивно, според Законот, тутунарите ќе се соочат со ригорозни казни од Инспекторатот. Ако немаат договори, ќе им се изорааат нивите, вели Кире Ристески, претседател на сојузот на тутунските здруженија.
Од понеделник и официјално ќе почне склучувањето на договорите со откупувачите за новата производствена година. Тутунарите ќе бираат од понудените цени. Но, ваквите состојби ќе влијаат на интересот за тутунопроизводство.
-Во последните две години, за околу 800 се намалил бројот на хектари со тутун. Од 13 321 хектар со тутун во 2023 година, лани имаше 12 509 хектари. За четири години за 3000 се помалубројни земјоделските стопанства. Во 2020 година беа 19 702, а во 2024, бројот на земјоделски стопанства кои се занимаваа со тутун падна на 16 830. Но, ние остануваме на барањата и не се откажуваме од настојувањата за исплатливоста на тутунопроизводството, вели Ристески.
Сојузот на тутунските здруженија останува на барањата за измени во Законот за тутун. Тоа ќе биде доставено до министерот за земјоделство.
-Нашите барања за законски измени остануваат. Да се промени членот во законот, да се врати од стариот закон кога Сојузот имаше ингеренции да ги стиопира договорите, доколку не е задоволен со цената. Освен тоа, Бараме член 43 за увозот на тутун да се промени, да има забрана за увоз на суров тутун додека не заврши договорот и да се промени членот 47 за добивање лиценци за поверениците. За наредниот петок закажав состанок со подсекторската група во Министерството за земјоделство и овие барања ќе му ги доставиме на Министерот, рече Кире Ристески, претседател на сојузот на тутунските здруженија за исходот од неколкудневните преговори за зените со откупувачите на тутун.