Македонија и годинава останува делумно слободна земја, покажува последниот извештај на „Фридом хаус“ насловен „Слободата во светот 2025“.
Земјава, исто како и минатата година, има индекс на слободата од 67 од можни сто поени. Рангирањето на „Фридом хаус“ е врз основа на два критериуми – политички права и граѓански слободи. Политичките права се оценети со индекс 28 од можни 40, а граѓанските слободи со 39 од 60 поени.
Во извештајот се наведува дека земјата продолжува да се бори со корупцијата, и додека медиумите и граѓанското општество учествуваат во енергичен јавен дискурс, новинарите и активистите се соочуваат со притисоци и заплашување.
Од државите во поширокиот регон, најдобро позиционирана е Словенија со индекс 96. Во групата слободни земји се и Грција (85). Хрватска (82) и Бугарија (77). Во делумно слободни, пак, се Црна Гора (69), Албанија (68), Косово (60), Србија (56) и Босна и Херцеговина (52).