Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите, со што синџирите маркети ќе бидат обврзани да постават свои веб-платформи каде ќе ги прикажуваат тековните цени на производите.
Според пратениците од владејачкото мнозинство, оваа мерка ќе донесе поголема транспарентност во цените, ќе ја подобри конкурентноста и ќе придонесе за нивно намалување. Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека законот е креиран за да го заштити животниот стандард на граѓаните.
„Изненаден сум што на седницата на Комисијата за економски прашања не беа поднесени амандмани, иако одредени опозициски пратеници го критикуваа законот, тврдејќи дека нема да ги исполни очекуваните резултати. Владините законски решенија се напаѓаат, но кога е време за амандмани – тие не се предлагаат“, истакна Стојановски во своето обраќање.
Дополнително, потенцираше дека оваа практика веќе постои во европските држави и докажано придонесува за индиректно намалување на цените.
Со оваа регулатива, потрошувачите ќе имаат можност да ги споредуваат цените на производите кај различни трговци и да донесат подобро информирани одлуки при купувањето. Законот важи за мали, средни и големи трговци, додека микротрговците и индивидуалните продавачи се исклучени.
Воедно, овие измени им даваат овластувања на инспекторите да вршат контроли во случај на неправилности во цените.
Сличен закон за заштита на потрошувачите беше донесен минатата недела и во Хрватска, со кој се предвидува обврска за трговците редовно да ги објавуваат и ажурираат цените на нивните производи на официјалните веб-страници.