По прозивките од СДСМ до министерот Панче Тошковски за тоа како на Васил Јованов, кој ја усмрти Фросина, му е дозволен мобилен во Шутка, на Фејсбук се огчаси министерот.
-Во однос на прашањата на СДСМ упатени до мене за тоа како притвореник во затворот „Шутка“ добил пристап до мобилен телефон, сакам да истакнам дека во секоја правна и демократска држава, најмалку што може да се очекува од политичари кои седум години управувале со институциите е барем основно познавање на нивната поставеност, односно да знаат дека затворите не се во надлежност на Министерството за внатрешни работи, туку на Управата за извршување санкции која е орган во состав на Министерството за правда, напиша тој и додаде:
-Но, суштината не е во “незнаењето“, туку во нешто многу полошо, а тоа е намерна злоупотреба на една трагедија за собирање на евтини политички поени. Наместо да покажат минимум човечност и емпатија, тие избраа да водат некрофилска кампања, со која на најмизерен начин се обидуваат политички да профитираат од туѓа несреќа. Јавноста бара правда, а не политички театар и навистина е срамно тоа што СДСМ и во оваа трагедија не успеа да покаже барем малку достоинство.