Земјотрес со јачина од 5 степени синоќа ја погоди Турција, а беше почувствуван и во Бугарија, Грција и Македонија. Според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, епицентарот на земјотресот бил на 21 километар од островот Лезбос во Грција, а го почувствувале околу 8 милиони луѓе.
-Многу силно се почувствува на вториот кат од камена куќа во селото. Сликите паднаа. Многу силни удари, но не траеше долго – напиша корисник од Грција.
🔎 Map of background focal mechanisms: pic.twitter.com/ONQW1w3zsY
— EMSC (@LastQuake) January 21, 2025
Земјотресот бил регистриран во морскиот дел северно од грчкиот остров Лезбос, а освен одрон на земјиште на локален пат не е регистрирана друга материјална штета, јави дописничката на МИА од Атина.
Превентивно, денеска ќе останат затворени училиштата во три општини на островот.
По силниот земјотрес следеле уште осум помали земјотреси во текот на ноќта.
Професорот и претседател на Организацијата за планирање и заштита од земјотреси Ефтимиос Лекас за грчката државна телевизија ЕРТ рече дека по 48 часа ќе има јасна слика нагласувајќи дека се истражува поврзаноста на земјотресот со раседите во конкретниот регион.