Виолета Куцуловска од Струга е сопственичка на „second hand“ продавница, попознати како продавници од „втора рака“, концепт кој се однесува на продажба и купување на облека, обувки или модни додатоци кои претходно биле користени, но сè уште се функционални и вредни за повторна употреба.
„Како поборник за бавна мода, овој концепт би го дефинирала како одговор на хиперпродукцијата и загадувањето што ги носи брзата мода, како и начин за создавање одржливи навики меѓу луѓето. Целта на second-hand концептот е прилично комплексна или би рекла пространа и опфаќа еколошки, економски и социјални аспекти. Најважни сегменти се намалување на текстилен отпад, CO2 емисии и загадување на животната средина, намалување на потребата за производство на нова облека со што се штедат природните ресурси и се спречува нивно нерационално искористување, спречува експлоатација на работниците во текстилната индустрија меѓу кои, за огромна жал, има и деца.
Исто така, овозможува квалитетната облека да биде достапна за поширок спектар на луѓе, независно од нивниот буџет, овозможува изразување на личен стил и автентичност наспроти слепото следење на актуелните модни трендови, промовира одржлива мода, поттикнува поодговорна потрошувачка согласно реалните потреби на луѓето, овозможува будење на креативноста преку поправки или преправки на облеките, ѝ пркоси на брзата мода што е од особено големо значење бидејќи токму таа е второт најголем загадувач во светски рамки“, вели Куцуловска.
Според шкотскиот моден дизајнер Патрик Грант, на планетата Земја има толкаво количество облека доволна да облече дури шест генерации од човечката раса. Кога на овој податок би ги додале и сегментите на самата цел на концептот „second-hand“ ќе го добиеме и одговорот зошто луѓето треба да реупотребуваат. Со ова може да се направи и дополнителна заштеда на финансиите.
„Целта на мојот мал бизнис – „Зачувај“ (Save) е да ја зачуваме животната средина од агресивното загадување и ништење. Да врши едукација за важноста на реупотребата, влијанието на нашите избори и моќта што ја поседуваме како потрошувачи. Да инспирира промена во начинот на општата перцепција кон облеката и грижата кон неа. Да бидеме дел од еколошкиот, економскиот и социјалниот напредок. Да овозможи пристап до стилска, квалитетна и етичка женска, машка и детска облека по пристапни цени која може да се набави во мојата мала физичка продавница лоцирана во Струга“, рече таа.
Таа додава дека интересот за „second-hand“ облека во Македонија несомнено расте, особено кај младите и еко-свесните генерации.
„Потенцијалот за развиток е навистина голем. Луѓето почнуваат да разбираат дека купувањето од втора рака не е срам, туку одговорен избор. Во Струга, интересот за „second-hand“ облека е присутен, но сѐ уште ограничен, би рекла. За да се придвижиме чекор понапред, веќе размислувам за начини на промоција одржлива мода преку локални базари, настани, иницијативи кои верувам дека ќе стигнат до своја реализација во текот на оваа година“, објаснува Куцуловска.
Според неа, во Западна Европа овој концепт е високо развиен, делумно поради свеста за еколошките прашања. На Балканот пак е во подем, но сѐ уште се бориме со предрасудите и недоволната едукација.
„Облеката од втора рака е значително поевтина. Понекогаш е дури 50-70 проценти пониска од цената на нова облека. За одржливи брендови или винтиџ парчиња се случува да биде и нешто повисока, но сепак е многу попристапна од нова облека од тој тип на бренд. Предрасудите се поврзани со културни стереотипи за сиромаштија, недоволна информираност за одржливост и негативните практики на брзата мода и недоверба заради стигмата “веќе носено”. Со зголемување на свеста и модернизација на продавниците од овој тип, овие бариери дефинитивно може да се надминат“, децидна е таа.
Куцуловска смета дека секој наш избор е важен бидејќи носи промена и тоа е она што ја прави оваа мисија толку моќна.
„Промената почнува од нас! Купувајќи облека од втора рака стануваме дел од решение и секој купувач е амбасадор на одржливоста. „Second-hand“ облеката не е само алтернатива – таа е израз на свесност, одговорност и грижа за подобра и поздрава иднина“, кажа Куцуловска.
Со цел да го доближи искуството на реупотреба до луѓето, од време на време подарува облеки преку Инстаграм профилот на нејзината компанија „Save“ и оваа пракса ќе продолжи и понатаму благодарение на сите прекрасни луѓе кои одлучуваат токму во „Save“ да го донираат она што веќе не им служи, а сѐ уште е вредно за носење.
„Тука би ја спомнала и радоста што ја уживам при сведочење на фактот дека луѓе кои не можеле да замислат да носат туѓа облека, денес се верни поддржувачи на бавната мода и редовни наши клиенти. Тоа е она што ме турка напред и ми дава сила да се соочам со предизвиците што доаѓаат со водењето на еден мал бизнис во бранша која допрва се развива на нашите простори. Можеби, на наши простори, „second-hand“ облека се купувало ради немаштија, ама допрва ќе ја разбереме и круцијалната важност на бавната мода и потребата за реупотреба. “, рече таа.
Кристијан Трајчов