Првиот случај на мајмунска сипаница е регистриран на Косово, соопшти Институтот за јавно здравје на Косово, наведувајќи дека се работи за 30-годишен маж кој живеел во една од западноафриканските земји.
Тој веднаш по враќањето дошол на преглед во приштинската КБЦ со симптоми како што се – покачена температура, промени на кожата и чешање, пренесува КоССев.
Лабораториските наоди, според институтот, тогаш покажале дека тој боледува од „Мпокс“, односно била потврдена мајмунска сипаница.
Тој е во стабилна состојба, а прегледани се членовите на неговото семејство и луѓето кои биле во контакт со него.
Иако наведуваат дека нема место за паника, приштинскиот институт за јавно здравје апелира до граѓаните да бидат внимателни.