Нема зима во којашто сезонскиот грип не зема замав. Децата во предучилишна возраст, хроничните болни, трудниците и возрасните над 62 години се најризичните групи и на кои најмногу се става акцентот во превенцијата.
Родителите на деца во градинка или во училишна возраст најчесто сами можат да ги препознаат симптомите на вирусната инфекција од грип, со оглед на тоа дека се случува почесто заради физичкиот контакт на децата со други деца и предмети.
Она што го разликува грипот од настинките е тоа што симптомите се појавуваат ненадејно и речиси истовремено.
На самиот старт на заболувањето, децата обично губат интерес за игра, стануваат смирени и нерасположени. Се појавува замор, може да се јави и главоболка, со стомачни проблеми како повраќање и дијареа, а заедно со сите овие симптоми доаѓа и температурата која расте.
Центрите за јавно здравје се со привршени дози за вакцинација.
„Процесот на превентивна вакцинација е при крај. На подрачјето на Центарот за јавно здравје Штип се предвидени 2000 дози, а целни групи се децата до 5 години, пациентите над 62 години, бремените и хроничните болни на било која возраст. Дозите се при крај, што значи дека проектираната бројка е достигната, вели д-р Јасмина Саздовска од ЦЈЗ Штип.
Луѓето кои не спаѓаат во ризичните категории, можат да работат на превенција од зараза со подигање на имунолошкиот систем, со здрава исхрана полна со витамини, редовна физичка активност и квалитетен сон. Препорачан е зголемен внес на овошје, зеленчук и течности.
На светско ниво секоја година 3 до 5 милиони луѓе сериозно заболуваат од грип, од кои 250.000 до 500.000 луѓе умираат заради компликации.
(М.К.)