Пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ, во денешното телефонско јавување во емисијата „Стадион“ на Канал 77 ја обвини опозициската СДСМ дека останува „заробена партија“, и покрај промените во раководството и формирањето на новиот тим.
Според него, новото раководство не ветува суштински промени во начинот на работење и останува под влијание на истите структури и механизми кои ја држеле партијата во минатото.
- Очигледни се проблемите во екипирањето на новиот тим на луѓе во партијата на СДСМ. Досега успеваме да видиме дека станува збор за реформи кои очигледно се во сенка на нивниот екс-претседател Зоран Заев. Со ваквите кадровски промени, СДСМ не може да биде конструктивна опозиција на македонската политичка сцена, бидејќи очигледно останува длабоко приватизирана од личните интереси на луѓе кои се дел од низа на корупции и скандали во време на нивното владеење, рече пратеникот на ВМРО ДПМНЕ.
Лефков посочи дека моменталните политики на СДСМ се само „празни ветувања“, но и дека граѓаните не гледаат реален и искрен напредок во намерите за нови промени кај опозицијата.