Една од најсреќните за тоа што УНЕСКО ја стави гајдата под заштита е пејачката и гајдаџика, Елена Јовческа. Кога Елена почна да се појавува на сцена со гајдата сите се чудеа и ја озборуваа, но таа не ја испушта од рака на сите настапи и вели дека е горда на овој инструмент.
-И треба да е под заштита. Гајдата е уникатен инструмент, македонско наследство и како интрумент се изработува исклучиво во Македонија. Прават и во други држави, но не познавам други мајстори кои изработуваат македонска гајда, бидејќи нашата гајда се разликува од другите. Се разликува од шкотската, од бугарската, турската. Знам за шкотската, се рспрашував, не е иста со звукот и тоновите. Нашата гајда во комбинација со тапан звучи прекрасно. За мене гајдата е национално богатство, наше македонски, вели Елена.
Љубовта кон гајдата и се појавила додека учела средно музичко училиште во Скопје. И станал мнгу интересен, па и покрај тоа што е тежок инструмент за учење, таа ја совладала.
-Јас учев средно музичко во Скопје, хармоника и пиано и секако дека знев за гајдата, но како инструмент прв пат почнав да се интересирам пред речиси 20 години, сфатив дека можам да го совладам како инструмент. Почнав да пеам македонска музика и кога ги слушав старите македонски песни, речиси во сите нив има гајда, сфатив дека сето тоа подобро ќе звучи кога ќе знам да ја свирам гајдата и полесно ќе ги пеам песните и да творам со гајдата. Веќе со Виданка Георгиева се договоривме и испеав и отсвирев нејзина песна. Тоа е песната „Малку ние се поднапивме“, вели Елена.
Поради љубовта кон гајдата на Елена не и требало многу време за да го усоврши овој инструмент, кој не е баш лесен за учење.
-Тешко се учи гајдата. Треба време. Прво треба да му се посветиш на инструментот, треба да ти се навикне устата за да го издржиш инструментот, да вежбаш бидејќи почнуваат мускулите на образите да те болат. Треба да му се навикнеш на „мевот“ , како да ги затвораш дупките на гајдарката, гајдарските финеси, трилери гајдарски, тонови и се што треба. Почнав да го учам сама, а потоа продолжив со професорката Бајса Арифовска. Сега веќе ја имам усовршено, всушност за една година ја усовршив и настапувам со неа, вели Елена.
Таа својата гајда ја купила од македонски мајстор, кој е специјалист за изработка на гајди.
-Ја купив од кај мајстор Љубе од Прилеп. Тој е супер мајстор. Мислам дека 2-3 мајстори изработуваат гајди и мојот мајстор е еден од нив. Тој ми правеше и специјализирана гајда за мене. Кожата е внатре, а крзното е однадвор, рече таа.
Како една од ретките пејачки, ако не и единствена Елена е уникатна кога настапува со гајдата. Овој инструмент и помогна да ја запознаат луѓе од Австралија до Америка.
-Бијејќи како пејачка сум уникатна многу ми помогна, што е нормално. Но, и тоа што си уникатен ако не знаеш да го работиш како треба, тоггаш нема да ти помогне. Јас гајдата ја имам доведено во совршенство и публиката тоа го знае. По свадби и други настапи, на турнеи по дијаспората задолжително настапувам со гајда. Многу го сакаат она нашето, традиционалното „Гајдарско оро“, кое започнува со селски тапан, продолжува со гајда и се забрзува на крај, вели таа и реагира на озборувањата дека гајдата е селски инструмент.
– Гајдата навистина ја сметаа за селски инструмент, јас тоа го имам доживеано на многу настапи. На еден настап ми приоѓа човек од публика и ми вели- јас мислев свириш само селска музика со гајдата. Јас многу се навредив и му реков дека ако нашата традиционална музика е селска тогаш увери се дека не е така. Ми рече дека така му кажале. Па прво ние самите како нација треба да си се почитуваме , а потоа да очекуваме фидбек од другите. Ако ние не се цениме нема никој да не цени. И ете, сега видовме дека гајдата не е селска, светот ја испочитува. Имам идеја за комбинација со гајдата и модерна музика и ќе го направам тоа и на сите ќе им докажам дека гајдата не е сеслки инструмент, односно музиката од неа не е селска.
А да снимаат странски пејачи со гајда, тогаш ќе беше во ред, а ако направи нешто некој наш тогаш е селско. Не разбирам како луѓето да сфатат дека не е сеслко, туку е наше. Зошто тогаш бараат оро со гајда на свадбите, по сите настапи?! Ако не па да не играме оро. Наше е, по неа сме препознаени. Луѓето, за жал, не ја знаат моќта на инструментот, не знаат кои се тонови може да произведе и да се употребат во една песна или бит каде ќе има гајда. Тоа го имам во план и ќе го реализирам. Па ако заборавиле „Бјело дугме“ уште од кога ја користи гајдата во песните, Брена, Гавазова.., вели пејачката.
Иако многумина се уште не го разбираат значењето на гајдата, сепак, таа вели дека е национално богатство и ништо поинаку.
-Да, гајдата е национално богатство кое треба да го негуваме и да си го сакаме тоа што е наше и по што сме препознатливи. Јас секаде каде што одам надвор од Македонија ја носам гајдата, како еден вид амбасадор сум на гајдата. Не дека не пеам и друг жанр на музика, пејам се, како и сите мои колеги. Но, најважно е да си го негуваме нашето, а јас успеав во тоа. На сите мои настапи се свири македонска музика, максимално ме почитуваат и се сликаат со гајдата. За сите е доживување што гајдата, која беше еден од подзаборавените инструменти, моментално е на пиедестал. Се виде, со самото тоа што УНЕСКО ја признал гајдата значи нешто за сите нас и нашата држава. Ова што се случи денес навистина ми е ќејф, браво, рече таа.
Весна Миленковска