Македонија е меѓу првите земји во Европа по бројот на планини и покриеност на територијата со планини, па зошто тие да не се гледаат и користат како ресурс. Во поглед на планинарските спортови и туризмот, планините имаат потенцијал да бидат она што е морето за летните дестинации во регионот, како Грција и Турција.
Но, зошто тоа не е така, зошто Македонија заостанува во планинскиот туризам иако ги има сите ресурси и за се она што треба да го направи државата за да се најдеме на планинарската мапа и ги привлечеме љубителите на високите врвови ММС разговараше со Зоран Читкушев, претседателот на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
Кои се активностите на ФПСМ и што ни е најнеопходно за да ги претвориме планините во „нашето море“?
-Би ги издвоил обуките за водичи во планина. Тоа е еден од елементите без кој не може планинарството. Ако одите во планина мора да имате квалитетни и способни водичи. Затоа Федерацијата дава голем простор во јакнењето на капацитетите на водичката служба. Имаме доста водичи, но за жал на целата територија на Македонија таа служба не е рамномерно застапена. На пример, во Кочани, Штип, Струмица, Берово имаме мал број на водичи, а голем број на планинарски друштва. Таа дискрепанца е увидена и работиме постојано овој дизбаланс да го надминеме.
Освен обуки за водичи организираме и обуки за маркацисти, бидејќи движењето во планината мора да биде безбедно. А безбедноста се гради врз обележани патеки, водичка служба и служба за спасување. Ова третото долго време е рак рана на планинарската федерација и ние од почетокот на 2025 ќе се зафатиме да организираме таква служба на ниво на Македонија со неколку пунктови за спасување во планини, информативни пунктови и пунктови како контакт точки, се со цел луѓето кои одат во планина да имаат безбеден и пријатен престој во неа.
Имаме ли соодветни сместувачки капацитети за пречек на планинари и туристи на планина?
-Голем дел од нашите активности мораат да бидат лоцирани во планинарските домови, затоа многу работиме тие домови да имаат услови за спиење, престој, храна, организирање на натпревари, обуки и така натаму. Така да, сега сме во фаза на мапирање на планинарски домови во Македонија и наредно е заедно со Министерството за култура и туризам спроведеме некои акции за подигање на квалитетот на престој во тие објекти. Во последно време се повеќе туристи од дома и странство престојуваат во планинарските домови. Особено на Љуботен, Титов Врв, Кораб, Пелистер и Галичица, кои се масовно посетени. Таму имаме и добра инфраструктура, имаме добри водичи, кои секогаш излегуваат во пресрет да им ги приближат и селата и производите кои таму се произведуваат на туристите. Така да, правиме една добра комбинација на планинарење, спорт и рурален туризам.
Бугарија важи за премиум планинска дестинација, дури и на европско ниво. Што имаат тие, а ни недостига нам?
-Мислам дека главната приказна со Бугарија е тоа што тие имаат квалитетни домови, во кои можете да нарачате храна, пијалоци, имаат удобно и квлатетино сместување, чистота, направени се на атрактивни локации. Мора да признаеме дека во Бугарија има поголема традиција за планинарење и не се обременуваат со носење артикли, туку знаат дека во домовите има квалитетна услуга. Тоа за жал во Македонија го имаме само во еден дом, Љуботен. Тоа ни е хендикеп, но тоа ни е и шансата преку инвестирање на средства, дали од државата, дали од европските фондови во овие објекти. Ние сме планинска земја, имаме 40 врвови над 2000 метри, имаме и пониски врвови кои исто така се квалитетни, но, одењето сегде е врзано со престој во планинарски дом. Во Бугарија, планинарската инфраструктира, маркации, ознаки, видиковци, заслони од невреме, тие се присутни. Кај нас е тоа реткост. Сите тие домови кај нив работат преку цела година, бидејќи во најголем дел до планинарските домови минуваат ски стази, можете да одите со возило до планинарски дом, сето тоа е атрактивно. Имате одлична планинска служба, која е професионална, одлични планински спасители. Сето тоа им оди во прилог на туризмот.
Кај нив најголем дел од објектите се во приватна сопственост или концесии. Бидејќи, мора да размислуваат за профит, мора да работи постојано, да пружи добри услуги. Мислам дека културата на живеење, инфраструктурата и односот кон природата е на повисоко ниво во Бугарија, отколку кај нас.
Имаме ли светли примери за планинарски домови кај нас? Што треба да сториме за да ја подобриме состојбата?
-Лисец направи еден квалитетен исчекор со планинарскиот дом Вртешка, тука се и Љуботен, Копанки. За жал, поголемиот дел од планинарските домови не се во добра состојба, бидејќи на поголемиот дел сопственик е државата, а таа нема интерес да инвестира во нив, бидејќи не се профитабилни. Но, не значи дека ако во моментов не се профитабилни, дека нема да бидат и за пет години. Мислам дека како држава ни недостасува стратегија за тоа, а ние сме тука да придонесеме и заеднички да работиме во подигањето на квалитетот на планинарските домови.
Федерацијата за планинарство има одлична меѓународна соработка со федерациите од регионот, а дел од нив, како Албанија, Црна Гора и Косово, испраќаат луѓе за обучување и лиценцирање за планинарски водичи. Федерацијата става силен акцент и на чистотата, па за повеќето планинарски домови имаат и договори со фирми за рециклирање на отпад, кои отпадот го подигаат.
Иако важи за мала спортска федерација, нејзината улога во целокупното живеење може да биде навистина големо. Ова се луѓе кои имаат идеи за подобување на општата ссостојба на македонските планини и имаат визија како да се реализира сонот за планини, кои во спортска и туристичка смисла на зборот, ќе бидат нашето море.
(М.К.)